45 студенти, двајца постдипломци – Тежок е патот на лицата со попреченост до високото образование

45 студенти, двајца постдипломци – Тежок е патот на лицата со попреченост до високото образование

Лицата со попреченост во Македонија тешко пристапуваат до високо образование. Во прв циклус студии има само 45 активни студенти, на пост дипломски само двајца, додека пак на докторски еден студент. Ниту половина процент од вкупниот број на студенти. – Покажува анализата „Пристап до високо образование на лицата со попреченост во Македонија“, која денес беше презентирана кај народниот правобранител. Оваа категорија на граѓани тешко стигаат до соодветна стручна литература, информации, административни услуги, а се соочуваат и со ред други предизивици.

  • „Физичката пристапност во дворовите и во ходниците, внатрешноста на факултетите би рекле дека е задоволителна, но истото не може да се каже и за останатите делови. Недостигаат фунцкионални и пристапни тоалети за студенти со попреченост, функционални и пристапни лифтови, пристапни рампи со соодветна ширина и агол на закосеност. Непречен пристап до и во предавалните амфитеатрите, библиотеките и другите објекти. Повеќе од половина од факултетите или 67.5% воопшто немаат пристапен тоалет за лица со попреченост.“ – Изјави Васка Бајрамовска – Државен советник во канцеларија на народниот правобранител

Невработеноста на лицата со попреченост прави свеста за нивните предизвици да биде на незавидно ниско ниво, а невработеноста се должи на тешкиот пристап до високо образование. Магичен круг кој се повторува до недоглед.

  • „Само четири лица со попреченост се вработени на сите 40 факултети што ни дадоа одговор, значи, 0,1 лице по факултет има вработено со попреченост. Тоа покажува дека тие се уште не се спремни да ги отворат своите врати за вработување на овие лица.“ – Истакна Кристијан Лазарев.

Со оваа анализа се мапираше состојбата во високообразовните инситуции кај нас, можностите и областите кои може да се подобрат, имајќи предвид дека Македонија како потписник на меѓународната конвенција за правата на лицата со попреченсот, има должност да се стреми кон еднакви права и можности за овие луѓе.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста