Татко и син изгореа во пожар во семејна куќа во Прилеп

Две лица, татко и син, го загубија животот во пожар кој синоќа, од се’ уште неразјаснети причини избувнал во нивниот дом на улицата „Цане Илиоски“ број 87-а во Прилеп. Според некои од соседите, најпрвин се слушнала послаба експлозија заради што се сомневаат дека можеби станувало збор за експлодирање на плинска боца.

Онде седев во двор. Видов чади нешто, реков гори нешто. И после кажаа дека куќата се запалила. Тројца беа, двајцата браќа не беа женети, со татко им живееа, мајка им беше умрена. Нешто пукна и струјава дома ни беше запалена и изгасна. Е, што беше, како беше, не знам“, – видно вознемирена раскажа сосетка на несреќното семејство.

Од Итната помош ја потврдија информацијата дека на местото на пожарот пронашле тела на двајца починати мажи.

  „На самото место едното тело беше комплетно опожарено, а другото делумно, ама првично по количината на чадот што ја видовме таму, сигурно се имаат задушено двете тела. Биле подвижни, но останале во куќата да го гаснат пожарот“, изјави д-р Даниел Аврамоски, началник на Итна помош, Прилеп.

Од ТППЕ пак, велат дека нивната екипа од 9 пожарникари и три возила пристигнала за дваесетина минути по пријавата, нешто после 22 часот. Но, за двајцата од тројцата станари кои живееле во куќата, за жал, веќе било предоцна.

   „Од лице место, опожарен е дел од катот на куќа, дневна и кујна. Затекнато е едно изгорено лице, а другото лице, загушено од чадот, извадено е од страна на пожарникарите и предадено на Итната помош каде е констатирана смрт. Возраста на двете лица е околу 60 и 80 години. Се немаат изгледа меѓусебно спасувано, едниот беше в дневна, другиот в салон“, кажа Христијан Момироски, командир на ТППЕ од Прилеп.

Соседите велат дека станувало збор за исклучително мирни луѓе. Телата на починатите се предадени на обдукција, а истрагата која е во тек треба да ги утврди причините за пожарот кој предизвика семејна трагедија.

Каролина Дурло

                                                                                              

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста