Судирот Русковска – Муареми ја поткопува ниската доверба во правосудството

Судирот помеѓу највисоките истражни органи само ja поткопува и така ниската доверба од граѓаните, во правосудниот систем во Македонија.  Анкетата на „Еуротинк“ покажа дека само 8 отсто од граѓаните имаат доверба во судството, а американската амбасадорка во Македонија, Кејт Мери Брнз тогаш изјави дека е неопходно да се види дека системот функционира. Идната амбасадорка на Соединетите држави која доаѓа во Скопје, Анџела Прајс Агелер, се заложи дека ќе ги охрабри токму судските реформи, но и ќе работи да и помогне развивањето национална стратегија со која, како што вели, ефективно ќе се бара одговорност од корумпираните актери.

Во исто време, познавачите не кријат дека судирот помеѓу шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и директорот на Финансова е срам за целата држава. Најголемите критики одат на адреса на Русковска, која со писмото за помош од странските амбасади, според правниците ја прекршила дури и Виенската конвенција. Од друга страна, пак признава дека со отварањето на предмети за високи владини функционери, власта и вршела притисок во откривањето криминали.

-Како тоа ќе се мешаат, во суверена земја ќе се мешаат. Првото такво мешање ви вели вие не сте способни да имате суверена држава, вие сте протекторат и ние сега ќе ви кажеме како треба. Тоа би било пораката од евентуално мешање на некаква странска амбасада. Сметам дека се работи за сериозни демократски земји, вели Дукоски. 

Дека судирот во државните органи не е слика која треба да ја гледаат граѓаните признава и министерот за внатрешни Оливер Спасовски.

– Ова предизвикува штета на граѓаните заради тоа што вербата во институциите се губи и секој кој носи било каква функција, мора да носи одговорност – етичка, морална…. Не може да се дозволи да се растурат институции од било кого и за тоа треба цврсто да застане секој заради тоа што ако се изгуби вербата во институциите, тогаш е најголемиот проблем. Така што мора да се размислиме зошто институциите, обвинителство, судство имаат осум отсто доверба. Не верувам дека ова е начинот на којшто ќе ја зголемуваме довербата, изјави вечерва Спасовски во емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5 телевизија.

Судирот помеѓу Русковска и Муареми започна на 18 јули, кога истражителите од Организиран ги тресеа канцелациите во Управата по кривична пријава од група граѓани за злоупотреби, притисоци, малтретирање и насилство…Директорот и возврати со три претставки и најава за кривични пријави. Од Европската комисија велат дека внимателно ги следат сите случувања со меѓусебните јавни обвинувања меѓу Русковска и Муареми и дека ова прашање треба да го решат надлежните институции.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста