Субвенционираната струја на прилепски „Водовод“ им ги намали сметките за вода на прилепчани, а од април нова неизвесност?!

Прилепското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ веќе втор месец на граѓаните им доставува намалени сметки за вода за 20,48 проценти. Ова, откако летоска, два месеци тие им беа зголемени за истиот тој процент како резултат на рапидниот скок на цената на струјата и оглушувањето на Владата јавните претпријатија уште тогаш да добијат државно субвенционирање. Ефектите од оваа мерка се евидентни, велат од претпријатието, кое инаку ќе беше исправено пред сериозен финансиски и рентабилен предизвик.

    „Од ноември 2021 до декември 2022 година ние плаќавме несубвенционирана струја. Значи, разликата што се потроши беше приближно околу 50 милиони денари, тоа е огромна сума што ние ја потрошивме за тие 14 месеци…“ – објаснува Игор Гулабоски, директор на ЈКП „Водовод и канализација“, Прилеп.

   Но што ќе се случува после април, кога оваа мерка завршува, останува неизвесно. „Засега, ние како претпријатие се придржуваме до сите препораки за да не ја изгубиме оваа помош, меѓутоа тоа не зависи само од нас, туку и од Владата, односно од нејзините следни одлуки“, посочува Гулабоски и додава:

   „Ние сме на слободен пазар, не знам во април-мај која ќе биде цената на берза. Доколку дојде во април Владата да прекине да не субвенционира, ќе видиме на берза каква ќе биде цената и во зависност од тоа тогаш ќе одлучуваме. Тоа ќе се знае дури на крајот од април. Но јас мислам дека Владата во април треба веќе пред време да одлучи дали шест месеци пак ќе го продолжи субвенционирањето. Мислам дека ќе го продолжи“ – вели Гулабоски.

   Инаку, со енромното покачување на цената на струјата, јавните претпријатија во земјава летоска добија и до седумкратно повисоки фактури за потрошена електрична енергија што беше сериозна закана по нивниот опстанок, заради што и субвенционирањето на струјата се наметна како насушно потребно.

  Од друга страна, министерот за економија, Крешник Бектеши, незадоволен од намалувањата на цените на храната во трговската мрежа, а кои беа условени со субвенционирање на струјата, се закани дека на овие производители можно е да им биде укината оваа помош, што пак, би можело да предизвика и нов бран на поскапувања.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста