Ковачевски си најде виновник: Трагично е одговорноста за Благојче Илиевски да се бара кај веќе реално сменет министер

Трагично е одговорноста за смртта на Благојче Илиевски да се бара кај веќе дефакто сменет министер. Јасно е дека Беким Сали станува минато по коалицијата на Димитар Ковачевски и Арбен Таравари. Оваа ситуација македонскиот премиер сега ја користи во обид да се испере, смета универзитетскиот професор Владимир Божиновски. Според него кога веќе е јасно дека Сали заминува од здравство, барањето одговорност баш од него е само обид за лош ПиАр.

-Сега се прави обид и оваа тажна ситуација, луѓето веќе две години чекаат на тие лекови и не  ги добија. Од оваа трагична ситуација да се извлече некаква политичка корист. Јасно ни е дека со овие пазарења и со влезот на Алијанса во Владата ќе дојде до промена на министерот за здравство и стварно немаше никаква потреба сега ова да се користи како некаков изговор за да се најави неговата смена, изјави Божиновски.

Болните од цистична фиброза веќе две години добиваат само празни ветувања дека ќе имаат лек за својата болест, освен тоа ништо друго. Според многумина одговорност треба да понесе и самиот премиер. Сепак, според Божиновски такво нешто не можеме да очекува, оваа власт имала единствена цел, да остане ден повеќе во удобните фотелји.

-Јасно ни е дека оваа власт не понесува одговорност за ништо, така да во реалноста никој не ни очекуваше дека ќе се случи такво нешто, едноставно се обидуваат да ја префрлат кривицата на некој друг. Тоа е и во овој случај, едноставно целта на власта е да владее ден повеќе, да направи се што може да ги зачува тие 61 пратеник со цел нели да остане на власт, изјави Божиновски.

Откако Ковачевски целата вина ја префрли кај Сали, тој во објава на социјалните мрежи реши жестоко му возврати. Напиша дека уште на 27 јануари побарал од Владата да се обезбедат пари за набавка на терапија за болните од цистична фиброза и го праша премиерот – дали некој, кој, и покрај барањето на Министерството, не одобрил средства за лек на пациенти со ваква тешка болест, смета дека може да си го продолжи мандатот.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста