Ристо Пенов избран за нов министер за локална самоуправа

Ристо Пенов по повеќе од една деценија се враќа на политичката сцена. Со 63 гласа ЗА пратениците го избраа поранешниот градоначалник на Скопје, за министер за локална самоуправа. Против гласаа 30 пратеници. На изборот му претходеше тридневна расправа која ја одбележаа жестоки обвинувања и препукувања меѓу власта и опозицијата. Парламентарното мнозинство го претстави Пенов како засилување на владиниот кабинет, опозицијата негодуваше – човек кој толку долго бил надвор од политичкиот живот, не може да ја подобри структурата на Владата.

Настапите на претставниците на власта беа: Се е океј, уште Пенов ни фали и сите проблеми ќе бидат решени. Или што би рекол премиерот, ќе почнеме сега да работиме вредно, тој ќе ни даде енергија и труд – рече Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ.

Верувам дека ќе работи посветено, чесно, во интерес на граѓаните – рече Санела Шкријељ од СДСМ.

Веднаш по гласањето, Пенов даде свечена изјава дека ќе ги почитува Уставот и законите.

Ќе ја вршам совесно и одговорно работата министер за локална самоуправа и ќе ги почитувам Уставот и законите – истакна Пенов.

На истата седница владејачкото мннозинство даде виза Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева да станат уставни судии. Власта го истурка планираното и покрај бурните реакции на опозицијата која ја напушти салата непосредно пред гласањето. ВМРО ДПМНЕ имаше шест кандидати за уставен судија, но од нив власта не прифати ниту еден. Опозицијата критикуваше дека пратениците од власта работеле неделовнички и без целосно завршена комисиска расправа пристапиле кон гласање на два од трите предлози.  За републичкиот обвинител Љубомир Јовевски кој исто така е предлог на власта, за уставен судија, се уште не е завршена комисиската расправа. Власта уверуваше дека нема ништо противуставно и неделовнички во оваа процедура, бидејќи се работело за поединечни расправи и поединечно гласање.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста