Весникот „Нова Македонија“ одбележува 78 години постоење

Во импровизирано место во селото Горно Врановци, со многу труд и напорна работа, бил отпечатен првиот број на македонскиот дневен весник „Нова Македонија“. Сега, овој медиум одбележува јубилеј од 78 години од своето постоење.

Новинарот Марјан Велевски рече дека весникот во себе содржи многу вложен труд, знаење, искуство, емоции на многу генерации. Овој ден има огромна општествена и историска вредност, но и значење, како за развојот на пишаниот збор, така и за македонскиот народ и држава.

  • Да се опстои 78 години низ сите бури, премрежиња, искушенија, сцили и харибди низ кои минале и сѐ уште минуваат македонскиот народ и држава, а заедно со нив и „Нова Македонија“, и притоа секогаш да се биде на вистинската страна, на страната на вистината, историјата, традицијата, идентитетските обележја, јавниот интерес – со еден збор на страната на граѓаните, е исклучително тешка, голема и одговорна задача. Тоа е подвиг сам по себе, со кој ретко кој медиум, весник или новинска куќа од овие простори може да се гордее. Тоа ѝ успеало и ѝ успева само на „Нова Македонија“.

Сега, на својот 78-ми роденден, „Нова Македонија“ е синоним за македонскиот јазик, име, идентитет, традиција, писменост, култура.

Инаку, во архивите на овој дневен печат, сеуште ги има машините за куцање стари со децении, апаратите за сликање, мастилата за пишување, како и насловната страница на првиот број на „Нова Македонија“, кои остануваат како сведок на едно друго време.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста