Расадувањето на тутунот е при крај, годинава има повеќе кооперанти, а се очекува и родот да биде потежок од ланскиот

       Расадувањето на тутунот за годинашнава реколта е при крај. Иако временските прилики не се баш најпогодни, особено заради континуираните обилни врнежи, сепак тутунарите велат дека во оваа фаза од обработката тоа и не било толку страшно, но само под услов, да нема толку дожд и кога ќе стигне за берење по околу месец, месец и половина.

   „Уште е рано да речеме дека тутунот ќе биде лош, затоа што сега уште се расадува, уште малку има останато, нека има уште 5% за садење, нема повеќе. Е, сега да не продолжи со врнењево баш кога ќе дојде бербата. Сега е уште подобро, барем ќе се „фати“ сешто е насадено“, – вели МЕНДЕ СТОМНАРСКИ, претседател на Сојузот на земјоделски здруженија на Македонија.

   Од ресорното Министерство се уште нема официјални и конечни податоци за тоа колку ќе тежи годинашниот род. Ама, според пресметките на тутунарите, неофицијално, годинава имало повеќе кооперанти кои на зголемени површини ќе го садат тутунот, па нивните очекувања се дека ќе бидат произведени и поголеми количини од ланските. А тоа изразено во бројки би значело дека има над 29.000 договори за 26 милиони килограми тутун, засадени на 13.000 хектари.

  Во меѓувреме, тутунопроизводителите велат дека очекуваат зголемување и на откупните цени по класи за 20 проценти, или 360 ден. да биде „кецот“, 300 “двојката“ и 240-250 ден. „тројката“.

   „Значи, ние уште пролетоска кога се почна со договорите, бевме во фирмите, преговаравме и значи има расположение во фирмите да се покачат цените, ама тоа пак изгледа ќе се случи како лани – на откупот со анекс-договори“, – објаснува Стомнароски.

   Инаку, ланското барање на Сојузот на земјоделски здруженија годинашната откупна цена за тутунот да биде зголемена за само 20 проценти, за непосредните тутунопроизводители беше неприфатливо. Ова, зашто според нивните пресметки, со тоа покачување, тутунарите би биле во загуба, бидејќи процентуалната застапеност на тутунот според класи во проценката била 60 проценти втора класа, 15-тина за прва и другото отпаѓало на третата класа и на прва дополнителна. Затоа, тутунарите бараа зголемувањето да биде за 35-40 проценти и првата класа да достигне цена барем од 390 денари по килограм тутун. Исто така, директните тутунари не се согласуваат со Сојузот дека во Македонија расте тутунопроизводството. „Луѓето масовно се иселуваат и тоа цели фамилии, нивинте остануваат се’ попразни“, реагираат тутунарите.  

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста