Патот Македонски Брод – Скопје, преку Резерватот „Јасен“, останува пуста желба за поречани

   Многуте добиени ветувања, но и силните надежи на поречани дека до главниот град конечно ќе патуваат за двојно пократко време отколку сега, и годинава паѓаат во вода. Изградбата на Регионалниот пат преку Резерватот „Јасен“, а кој со години е во очајна состојба, си останува пуста желба на жителите, урнисувајќи го севкупниот развој на Поречието. „Иако сме на само 50-тина километри воздушна оддалеченост од Скопје, заради незаинтересираноста на Владата да го направи овој пат, ние се чувствуваме како отсечени од цивилизацијата“, вели градоначалникот на Македонски Брод. „Жителите масовно се иселуваат, потенцијалните инвеститори бегаат, а додека пак оние кои веќе се нашле тука, мака мачат како да опстанат“, додава тој.

  „На Македонски Брод му е нанесена несомнена штета од страна на државата  со изградба на Резреватот „Јасен“. Благодарение на тој Резерват со години и со децении е запрен развојот на општина Македонски Брод. Владата на РМ нема сенс и се уште не сме влезени ниту во Програма за изработка и реализација на тој пат“, рече Жарко Ристески, градоначалник на општина Македонски Брод.

  Но, и покрај ова, ЛС и поречани, дури и оние иселените, не се откажуваат. Вршат административни притосоци, а често и протестираат. Засега барем успеале да го зголемат бројот на термини за наизменичното поминување на овој пат низ Нациноалниот парк „Јасен“, кој е долг околу 7 км, широк само 2,5 метри и е во очајна состојба.

   „Сега имаме четири термини од едната страна, три термини од другата страна, така што само термините се почести, инаку сето друго е исто“, – објаснува градоначалникот Ристески.

  „Наместо да стигнуваме за 80 км во Скопје, ние сега патуваме по 200 км“, вели градоначалникот и додава дека овој пат им бил ветуван уште од 2002 година.

     Инаку, Резерватот „Јасен“, освен диви животни, срни и елени за лов на  ексклузивни ловци од државава и странствo, крие и воени објекти, изградени уште од бивша Југославија. Објектите се дел од воените капацитети и една од можните локации каде би бил сместен државно-воениот врв и од каде што би командувал во евентуални воени услови.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста