Можното покачување на цената на лебот ги вознемири и граѓаните, но и производителите на лебното зрно

    Производителите на лебното зрно, но и поголемите приватни пекарници сметаат дека нема потреба од покачување на цената на лебот од септември. Житопроизводителите се револтирани, бидејќи ним пченицата им била откупена за бедни 9-10 денари.  Но, иако и тие работат со големи загуби, сепак сметаат дека сега не е момент за поскапување на лебот, најмногу заради очајно слабата куповната моќ на граѓаните.

  „И ние земјоделците леб купуваме, иако произведуваме пченица и мислиме дека цената на лебот во овој момент не треба никако да се поткрева, дури треба и да се намали, зашто ако лани беше 18-19 ден /кг пченица, а годинава е 9, значи цената е за пола намалена. Исто и брашното е за пола намалено. Зошто да се крева лебот, не гледам никаква причина“, – ни изјави за Алфа, Стеванче Јорданоски, производител на жито.

   На ист ваков став се и  некои од поголемите приватни производители на леб. „Сега нема потреба од поскапување на лебот“, велат тие, бидејќи веруваат дека и со сегашните цени можат колку-толку рентабилно да работат сите.  

  „Од разговори со колеги гледам дека кај помаливе компании постојано има интерес за повисоки цени, ама не мислам дека тоа е најдобар потег во моментов, а не гледам и дека има некоја огромна загуба со некоја си корекција на цените од новата жетва на житото. Брашното е со некој денар поскапо, ама не очекувам дека од 20-22 денари брашното ќе појде на 30 денари“, – ни рече Антонио Грнчески, сопственик на пекара.

  Граѓаните пак, во паника пред новата ценовна неизвесност. Велат, изгор-скапијата со актуелните мизерни плати и пензии и сега е неиздржлива, особено по неодамнешното поскапување на млекото и млечните производи. Стравуваат дека сега ќе мораат да кратат дури и на лебот.

  „Многу убаво, уште лебот ако се поскапи, свршивме работа, се е оскапено. Тешко, тешко, тешко…Јас, нема да верувате, пензијата моја е 7.000 ден. Со 7.000 се живее ?!“, – разочарано ни рече една пензионерка.

  „В чаршија нека излезат овие големциве, овие што ги прават цените, и ќе видат како е. Па особено лебот, ај лубеница нема да јаде, ама за леб?! Без леб, не можат да живеат луѓето. Млечни производи – поскапени, сирење – поскапено, е што да поскапат уште?!“ – кажа друг граѓанин.

  „Не е издржливо, меѓутоа еве, пенизионериве се бунат секој ден, а нема никаков ефект. Слушаме министерката што кажува, како што им одговара на тие што се на власт, така кажуваат што не е вистина. Многу е тешко“, – коментира  еден пензионер.

  „Пензииве ни се многу мали, а скапијава си расте нагоре. Никој не води сметка за сиромаштијава. Многу тешко, пензиите се многу слаби, 10-12.000 тоа не е пензија“ – рече повозрасен граѓанин.

     Инаку, најавите за можно поскапување на цените на лебот, доколку не помогне државата, пристигнаа од Агро-бизнис комората на Македонија од каде велат дека од крајот на јули, по излегувањето на Русија од договорот за извоз на укранско жито, цените на берзите се зголемиле за 10-15 проценти, а тука влегувало и покачувањето на цените на млечните и месните производи, кои исто така партиципирале во пекарската индустрија.                                              

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста