Џафери го крши Деловникот – за уставните измени требаше да се гласа веднаш, алармира ВМРО-ДПМНЕ

Талат Џафери се става над се и над сите и го гази Деловникот за работа на Собранието. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ алармира дека собранискиот спикер морал уште во петокот да ја стави на гласање точката за пристапување кон промена на уставот, бидејќи така е предвидено во правилата за работа на законодавниот дом. Додаваат дека сето ова тој го прави за ДУИ и СДСМ да купат уште некој ден на власт. Бараат да се вразуми и веднаш да ги стави уставните измени на гласање за да се види дека го нема потребното мнозинство.

  • „Џафери го примени членот 165 став 1 од Деловникот, иако тој регулира постапка за измена на закон и други акти, а не за измена на Устав, за што има и посебна глава во Деловникот. Наместо тоа, Џафери мораше да ги примени членовите 95 и 96 од Деловникот, според кои не смее да го одложи гласањето за измена на Уставот“, рече Лефков.

Џафери пак си цитира членови од Деловникот по сопствен избор кои во суштина не се однесуваат на постапка за измена на Уставот туку на други правни акти. Тврди дека тој работел по однапред утврдено сценарио, а негова политичка проценка била дека власта нема собрано 80 пратеници, па затоа така постапил.

  • „Претседателот на Собранието може да ја прекине седницата кога нема доволно пратеници за одлучување и во други случаи кога ќе оцени дека тоа е неопходно. Ова е текстот на член 81 став 1 врз основа на кој ја прекинaв седницата. А, во ставот 5 стои дека времето за продолжување на прекинатата седница го определува претседателот на Собранието,  и никој друг. Тоа се дискрециони права според Деловникот“, изјави Џафери. 

Социјал-демократите веднаш застанаа зад Талат Џафери, Тврдат дека постапувал деловнички, а и тие индиректно потврдија дека гласање нема да има додека не се обезбедат 80 пратеници кои би дале поддршка.

  • Не се согласувам дека е злоупотребено. Во Собранието има архиви, архивски снимки и стенограми за тоа како работело досега Собранието. И во претходните состави со претходни претседатели на Собранието, не само во времето на Талат Џафери. Напротив, претседателот Џафери кога се исцрпи листата на говорници… многу пати досега „кога ќе се створи услови за гласање ќе бидете дополнително известени“ рече Костовски.

По завршниот претрес за кој само 8 пратеници се јавија за збор, Џафери ја прекина седницата без точката да биде ставена на гласање, и покрај тоа што речиси сите пратеници беа во собраниската сала.

По се изгледа потребата од отворање на Уставот ќе виси во воздух на неодредено, односно додека власта евентуално не обезбеди мнозинство.

Инаку народните избраници си го продолжија годишниот одмор. До следната недела на август седница нема да има ниту собраниско тело, а првата пленарка е закажана за 5-ти септември.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста