Камала Харис ќе ја посети Африка

По бранот посети оваа година на африканскиот континент од страна на највисоките функционери на САД, потпретседателката Камала Харис е следна.

Белата куќа вели дека ова се надоврзува на напредокот на администрацијата од минатогодишниот самит на лидерите на САД и Африка, каде што претседателот Џо Бајден вети дека ќе работи на зајакнување на врските со континентот.

„Таа е петтиот американски функционер на високо ниво што замина во Африка. Таа ќе покрие, со своите колеги, речиси четвртина од земјите во Африка со лични посети само во последните три месеци. Тоа е голема количина на внимание и дипломатија, која оди кон Африка, повеќе отколку што некогаш сме виделе од претходната американска администрација. И, мислам дека тоа е значајно, вели Камерон Хадсон од центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.

Харис ќе се сретне и со единствената жена шеф на државата на континентот, претседателката на Танзанија, Самиа Сулуху Хасан.

Белата куќа вели дека Харис ќе разговара со избраните лидери на сите три земји за нивната посветеност на демократијата на начин, со кој Вашингтон може да се разликува од другите земји.

„Тие се земји кои имаат многу значајни односи со Кина на трговски фронт, на инвестициски фронт и сега сè повеќе на должнички фронт. Ова е место каде Вашингтон може да дојде и навистина да се залага за такви демократски вредности и да се обиде да ги поддржи тие вредности и партнерства со земји кои како и многу други африкански земји, работат со различни сили“, додава Хадсон.

Се очекува Харис да изврши притисок врз африканските нации, од кои многумина се воздржаа од осуда на руската инвазија на Украина за време на гласањето во Обединетите нации, да ја признаат агресијата на Русија.

Гласот на Америка го праша портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби, дали потпретседателката ќе искаже загриженоста за човековите права на нејзиното патување.

„Потпретседателката, се разбира, ќе ги покрене грижите за човековите права каде и да оди. Тоа е дел од американското лидерство ширум светот, не се плашиме. Всушност, тоа е знак за тоа колку се грижиме за другите нации и партнерства за кои сме способни и подготвени да водиме такви разговори“, вели Џон Кирби, Совет за национална безбедност.

Активистите за демократија велат дека таа треба да ја промовира и демократијата.

„Важно е вниманието на тоа високо ниво да се посвети на ова прашање и мислам дека фактот што потпретседателката и другите високи лидери, ќе бидат длабоко вклучени во овие настани низ светот и во Замбија е многу добар. И важно е да ја покажеме таа посветеност и таа искреност, а исто така и искреноста на целта и токму тука барем повторно да бидете во можност да сте искрени за тоа каде треба да ги решиме нашите сопствени недостатоци“, вели Дејвид Керол, од Картер центар во Вашингтон.

Семејната историја на Харис ќе има и мала улога во оваа посета. Нејзиниот дедо по мајка, индиски дипломат, работел со првиот лидер на Замбија по независноста. Речиси 60 години подоцна, неговата внука – најмоќната жена што имала функција во САД и првата јужноазијка и Афроамериканка што се искачила на висока позиција – ќе се сретне со претседателот на Замбија.

Јованчо Наумоски, Глас на Америка – Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста