Во ДУИ останува да врие – фракционерите го објавија списокот на разрешените од страна на Груби

Уште еден состанок на ДУИ, без решение за мир во партија на Ахмети. Седницата на централното претседателство разговараше за европскиот фронт, расколот кој се повеќе се продлабочува, оставија да го решаваат идната недела. На иста маса седнаа Груби, Османи, Меџити и Џафери , но дали ураганот кој го најавуваше Ахмети ќе ги оддува фракционерите или пак тие повеќе ќе си ја зацврстат положбата во партијата треба да се чека до идниот состанок. Денеска на дневен ред бил како што велат патот кон ЕУ.

Сметајќи дека има неповторлив моментум за брзо зачленување во ЕУ, низ брза трака која се предвидува за регионот, имајќи го предвид решението на косовско-српскиот дијалог, сметаме дека е ургентно неопходно да се соберат во еден заеднички фронт сите сите проевропски сили во државата, вели Бујар Османи – ДУИ.

Лидерот на интегративците, Ахмети повтори дека се зборувало за европскиот фронт, но посочи дека не се плашел од расколот во неговата партија.

Не се плашам од раскол, нашата партија не е формирана за поделби, туку да формира нови работи. Разговаравме за европскиот фронт. Ако е потребно , може да разговаме пак за барањата на незадоволните, зошто да не, рече Али Ахмети – претседател на ДУИ.

Меџити пак беше кус во својата изјава.

Другата недела е закажана седница на претседателството и ќе се збори за нашите барања, рече Изет Меџити – фракција на ДУИ.

Дека конецот во ДУИ се повеќе се заплеткува се пример и денешните обвинувања на фракцонерите кои дирекно го посочија Груби како виновник кој стоел зад како што велат “политичката елиминација” на неистомислениците во паријата. Незадоволната група од партијата на Ахмети објави фотографија на 11 сега веќе поранешни партиски функционери во државната администрација зад чие разрешување велат дека стои Груби за кои како што велат фракционерите треба да си замине.

Сите разрешени, а и оние кои не може Артан Груби да ги разреши, предупредија дека овој човек има за цел да ја уништи ДУИ одвнатре, работи за своите луди амбиции, на штета на сите процеси кон албанската заедница во Македонија и во регионот. Артан Груби ги избрка овие на фотографијата, но каде ќе оди Артан Груби кога албанскиот гласач него ќе го разреши ,стои во соопштението на фракционерите.

На сликата објавена од фракционерите се заменик министерот за одбрана, Башким Хасани, Ресми Ејупи државен скеретар во труд и социјала, Аднан Ејупи државен секретар во министерството со кое раководи Груби, Селмани од „М-НАВ“ и неколкумина директори на клиники и установи.

Иако фракционерите се се погласни, вицепремерот денеска пред состанокот во Мала Речиза за нив рече дека не постојат.

Не верувам дека веќе постојат, изјави Груби.

Ахмети деновиве почна и да ги менува координаторите на ограноците на ДУИ, по смената на Меџити и назначувањето на Османи за координатор во Чаир, смената дојде и во Сарај, каде градоначалникот Беџити е дел од фракцијата, за координатор во Сарај, Ахмети го назначи Рафиз Алити.

Мери Симоновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста