И ХЕЦ „Тиквеш“ оди во рацете на грчкиот концесионер

ХЕЦ Тиквеш „бакшиш“ на грчката компанија која ќе го гради ХЕЦ Чебрен.  Милијардата која ППЦ Архиродон ќе ја потроши за инвестицијата, Македонија ќе ја компензира со тоа што на 60 години покрај „Чебрен“ им го даваме да го оперираат и „ Тиквеш“. Владата конечно одговори на дилемите за овој мега скандалозен проект. Министерката за животна средина Каја Шукова на прашањето на Алфа објасни дека Македонија ќе има 33% од влогот, а 67% му останува на концесионерот.

„Државата по изградбата на хидроцентралата ‘Чебрен’, ќе го даде уделот што го има, преку хидроелектраната ‘Тиквеш’, која ќе се поврзе на хидроелектраната ‘Чебрен’. Тоа е влогот на државата, не е влогот во пари. ХЕЦ ‘Тиквеш’ го даваме на ХЕЦ ‘Чебрен’ и да го оперира како еден систем, а грчката компанија, понудувачот, треба прво да обезбеди дозвола за вода, според Законот за води, а потоа ќе се потпише договорот за концесија. Самата ќе инвестира средства“, посочи министерката.

ХЕЦ Тиквеш е изградена со заем кој се врати од народни пари и сега произведува електрична енергија за ЕСМ.  Важноста на овој хидросистем е двојна, покрај производство на струја се користи и за наводнување на Тиквешко Поле што претставува еден од најсушните региони во Македонија. На прашањето зошто Чебрен не ја гради македонското електростопанство, туку домашните ресурси ги даваме на стратешки партнер, министерката одговори дека тоа било политика која се водела 20 години. Според неа, кога ќе се потпишува договорот, најважното ќе било што Македонија ќе имала предност за произведената струја, но за неа ќе ја плаќа пазарната цена.

-Она што е битно за нас е дека кога ќе се случува концецискиот договор ќе ни биде битно предимство за користење на електрична енергија да има државата, значи потребите на државата, секако по пазарна цена, не знаеме како ќе се одвива нели, а потоа да може да се дава на други потрошувачи по пазарна цена, рече Шукова. 

Грчката компанија пак за користење на водата на Црна Река ќе плаќа само еден отсто годишно од продадената електрична енергија. Според она што стои во одликата на Влада, еднократниот и годишниот надоместок за концесија на користење на вода изнесува 1 отсто од остварената просечна цена на произведена електрична енергија за секој произведен киловат час.

Експертската јавност предупредува и дека една милијарда е преголема сума која се презентира дека грчката компанија ќе ја потроши за инвестицијата. Според стратегијата на ЕСМ за енергетски развој, експертите пресметаа дека ако ја градиме хидроелектраната сами ќе потрошиме двојно помалку или околу 500 милиони евра.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста