Скандал Онишченко: Вина дефинитивно има, одговорност веројатно ќе нема

Дали случајот „Онишченко“ ќе заврши без одговорност како многу скандали изминатиов период? Премиерот Димитар Ковачевски не одговара конкретно дали некој ќе биде казнет за огромниот пропуст на Агенцијата за национална безбедност – по се изгледа сето ова ќе заврши само со одземање на документите од контроверзниот Олександр Онишченко.

Државјанството на Онишченко е тема и на денешната седница за пратенички прашања каде опозицијата бара одговори од Димитар Ковачевски – дали имал информации по неговото доаѓање на чело на Владата, дека човек кој е на црната листа на САД барал и добил македонски пасош.

Вчера Владата одржа затворена седница на која што Димовски информираше во врска со овој случај. За жал, со оглед на тоа дека се работи за затворена седница, не сум во можност да ви дадам информации бидејќи тоа е казниво со закон – вели премиерот Димитар Ковачевски.

Кога претседателот на Владата е прашан дека во тие пет месеци, руски шпион добил државјанство и вели дека не смее да дава информации, тоа значи дека не знае. Тоа значи дека не го третираат како премиер, барем првите пет месеци – реагира пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

Државјанството на Онишченко ќе биде одземено според членот 14 од Законот за државјанство:

„Решението за прием во држајанство може да се поништи по врачувањето ако се утврди дека странецот при поднесување на барањето за прием во државјанство со природување дал невистинити или неточни податоци, односно се користел со лажни исправи“.

Сепак, никој не кажува конкретно, какви лажни исправи дал Онишченко при аплицирањето за македонски пасош. Украинскиот тајкун се правда – немало грам измама во процедурата а истата ја отпочнал по барање на македонската федерација за коњички спортови.

Извор: Слободен печат

Во моето државјанство нема измама, ниту еден грам. Не знам што да кажам. Побараа од мене да ја претставувам Македонија и да помогнам во подготовката за Олимписките игри. Ако не сакаат, јас ќе го направам тоа на мој начин. Федерацијата побара од мене, Лука Заложник ме прашуваше секој ден. Ги дадов сите официјални документи при апликацијата. Мојот руски пасош и изводот од матичната книга на родените. Имам и руски и украински пасош. Кога аплицирав за македонско државјанство, аплицирав со рускиот пасош. Се натпреварував за Русија претходно. Имам само валидни докумети, не можам да имам невалидни, јас сум официјално лице – вели Олександр Онишченко.

Аферата со Онишченко не е прв случај кој веројатно ќе остане енигма. Скандали со доделување пасоши на контроверзни личности имаше и претходно, но ретко кога имало одговорност. Македонски пасоши претходно добија светски познати мафијаши, членови на меѓународни криминални групи и на нарко-картели, барани со меѓународни потерници.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста