Развоен или расипнички – Почна расправата за буџетот за 2023

За власта развоен, за опозицијата нереален  –  почна собраниската дебата за Предлог Буџетот за 2023 година.  Државната каса ќе тежи рекордни 5, 3 милијадрди евра , што го прави овој Буџет историски најголем и со рекордно задолжување. Владата планира да собере 4,6 милијарди евра, а буџетската дупка ќе достигне рекордни  700 милиони евра.  Економскиот раст е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата да се движи во просек од 7,1 процент. Најмногу пари , Владата планира да собере преку даноци , односно 15 отсто повеќе од минатата година.  Буџетската дупка и отплатата на јавниот долг планирано е да се  покријат со домашно и странско задолжување. Министерот за финансии тврди дека ваквиот буџет бил развоен  и со вака проектиран полесно ќе ја пребродиме енергетската криза.

Предлог-буџетот за 2023 година има четири основни цели: справување со последиците од енергетската криза и зголемената инфлација; продолжување на фискалната консолидација и зацврстување на фискалната одржливост; обезбедување услови за економско заздравување и одржлив економски раст и непречено финансирање на основните функции на државата и поддршка, рече Министерот за финансии Фатмир Бесими.

 Буџетот е  надуван балон, нереален и инфлаторен, реагираат од ВМРО – ДПМНЕ.  Со даночната реформа, која ќе падне на грбот на граѓаните наместо да се заузда ќе се зголеми инфлацијата. Жестока дебата помеѓу пратениците се најави и за проектираните 800 милиони евра за капитални инвестиции, кои како што реагираат од опозицијата е невозможно да се остварат. Од проектираните за оваа година реализирани се одвај 51 отсто.

Ние сме држава во која голем дел од домаќинствата можат да си дозволат само еден оброк дневно, а владата не престанува да троши народни пари за работи кои се се, освен неопходни. Проектирано , Владата планира да ја задолжи државата за 1,5 милијарди евра, рече Пратеникот Бојан Стојаноски.

 По предлог Буџетот има поднесено околу 250 амандмани од кои 200 се од ВМРО – ДПМНЕ   со кои бараат намалување на акцизите на горивата, повисоки плати за администрацијата, подобрување на студентскиот стандард и образованието, инвестиции во енергетиката. 18 од Беса, 3 од алтернатива 22 од СДСМ и коалицијата и 2 од ДУИ.   Комисиската расправа може да трае до 10 дена па материјалите со амандманите одат во Влада, а потоа се враќаат во Собранието.  Буџетот се  очекува да биде изгласан во втората недела од декември.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста