Заев во понеделник на средба со Фон Дер Лајен, ќе бара објаснување за изјавите на Вархеји

Во очи на претстојниот европски Самит премиерот Зоран Заев во понеделник на средба со шефицата на Европската Комисија Урсула Фон Дер Лајен ќе се обидува да ги убеди европските челници дека Македонија треба да ги продолжи интеграциите. Откако еврокомесарот Вархеји упорно повторува дека земјава е се поблиску до раздвојување од Албанија во преговорите, Заев ќе има тешка задача да ги промени ставовите на европските тешкаши.

Првиот дипломат Османи пак е на став дека раздвојување во овој период нема да има. За него сега на тест бил европскиот кредибилитет, бидејќи Македонија не само што ги исполнила сите барања, туку и ги надминала.

Од друга страна пак се погласно се укажува на ултиматумот дека Македонија треба прво да ги реши историските проблеми со Бугарија а потоа да очекува придвижување во преговорите. Дека исклучувањето на Македонија е едно од можните сценарија потврди и Европската Комисија. Преку портпаролката на Комесаријатот за проширување Ана Писонеро порачуваат дека не е исклучена вакавата можност, но сепак одлуката ја носел Советот. И додека на маса се ставаат сите опциии за Македонија, Германија и Словачка преку своите министри гласно кажуваат дека двете земји не треба да бидат раздвоени, а што поскоро да бидат оддржани и меѓувладините седници. 

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста