Во средновековен Варош шеесетина цркви чекаат да бидат откриени и да станат достапни за јавноста
Средновековен Варош или „Марков град“ како најстара населба во општина Прилеп, вгнезден во пазувите на познатите Маркови Кули, располага со дури 77 цркви. Но денес, за жал, само шест од нив се активни. Останатите, чекаат подобри времиња. Или за да бидат откриени, или за да бидат реставрирани, иако сите претставуваат невидено национанално културно-историско наследство.
„Приказната има христијанска содржина и веќе се откриени над 15 цркви кои што постоеле тука на самата територија на населбата Варош. Изобилство на цркви од кои сега се активни само шест, а останатите се само на темели….“ – објаснува Мимоза Христоска, виш кустос при НУ “Завод и Музеј“, Прилеп.
Според Христоска, најстарата црква се наоѓа во денес култниот Манастирски комплекс „Св. Архангел Михаил“ и таа е датирана од 12 век, а додека најсовремената е од почетокот на 19-от век.
„Од другите цркви кои што се евидентирани и кои се споменик на културата е „Св. Никола“, која што е премногу мала по својот обем, но има страшно добра керамо-пластика и живописана е од првата зона скрос до куполата на самата црква“, посочува историчарката на уменост, Христоска.
Историските факти за богатиот духовен живот на средновековните варошани, не се нешто непознато и за денешните жители на оваа населба. Но, велат дека многу им е криво што се уште не се откриени сите цркви. Бараат државата посериозно да се зафати со откривањето на овие богатства од пребогатата македонска историска ризница.
„Треба да се преземе нешто и да останат пак и за другите поколенија. Да бидат пак реновирани..нешто се трудат да направат, како ваму што беше старата црква што ја реновираа, сега ја поправија малце, така и овие другиве треба да ги одржат, зашто тие ни се најстара традиција во Варош.“, – ни рече една варошанка.
„Треба и општинава малку да помогне, а и народов малку да се посвети на тие верски објекти….“- коментираше повозрасен прилепчанец.
„Треба да се преземе нешто за да се откријаат, само како што имам слушнато, онде, онаа што е без покрив, дека кога ќе ја покриеле, другиот ден ќе ја нашле откријана, дали е вистина или не, не знам“, – ни раскажа друга повозрасна прилепчанка.
„Овде е нашиот варошки Ерусалим…треба да се посвети поголемо внимание, тоа е наше културно богатство и треба да се реконструираат сите…“- кажа друга прилепчанка.
Христоска вели дека во моментов, за разлика од средовековните, „заборавени“ биле црквите од 19 век. Но во последниве години се пристапило и кон нивно евидентирање, како и на иконите во нив.
Инаку, во населбата Варош за време на претходната власт, комплетно беа реставрирани и ставени во функција две цркви, беше обновен Источниот конак од Манастирот „Св.Архангел Михаил“, а беше изграден и Амфитетар.
Каролина Дурло