Ги одмрзнаа односите: Мицкоски бара правда за 27 април, Пендаровски за нов судски процес ако има нови докази

Судбината на осудените за 27 април, но и сите политички и економски теми, ги одмрзнаа односите меѓу шефот на државата и лидерот на опозицијата. По 10 месеци на заедничка маса во Вила Водно седнаа Стево Пендаровски и Христијан Мицкоски. Првиот човек на опозицијата кажа дека наишол на разбирање од претседателот, околу барањето за нов судски процес за осудените за собраниските настани. Вели не бара нивно помилување, туку правда за нив, порачувајќи дека е потребна преквалификација на делото, бидејќи терористичко загрозување на уставниот поредок, не е она што тие го сториле.  

-Ние не бараме амнестија, не бараме милост, туку бараме правда за осудените лица. А правдата практично и еден од овие осудени лица ја побара, при завршните зборови кога завршуваше овој судски процес пред судијата и му се обрати дека: „Почитуван судија, јас сум направил грешка, сум погрешил да, но не можам да бидам обвинет и осуден за тероризам, да можеби сум направил грешка и сум ги прекршил законите и судете ме затоа што сум ги прекршил законите, а не ме судете бидејќи сум терориста, јас не сум терорист, си ја сакам мојата држава, си го сакам овој народ.“, изјави Мицкоски.

Покрај 27 април, една од темите била и евроинтеграциите на Македонија. Пендаровски кажа дека го информирал Мицкоски, дека до лето не треба да се очекува никаква промена околу ова прашање. За осудените за собраниските настани пак кажа дека поддржува нов судски процес, доколку има нови докази, но одлуката за тоа да ја носат судовите, а не политичарите.

-Ние се согласивме, ако сакаш да ја употребам таа формулација, дека таа можност стварно постои, смешно е вака да го коментирам на тој начин. И дека луѓето ако имаат нови докази можат да побараат преку своите правни застапници реотворање на процесот. И се разбира нема да решат тие реотвори, судот ќе одлучи дали е нов доказот и дали има тежина тој доказ. Така што тоа е целата работа, нема потреба да се согласуваш со нешто што ти е дадено како законска можност, изјави Пендаровски.

И Пендаровски и Мицкоски изразија задоволство што нивниот однос сега е одмрзнат. Според шефот на државата во секоја нормална демократија нормално е претседателот да има редовен однос со опозицијата за сите важни теми, порачувајќи и дека е потребно помирување меѓу двете страни во македонскиот блок, кои според него никогаш не биле поразединети.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста