Заев и СДСМ единствена адреса за ДУИ за Албанец премиер?
Остануваат ли Заев и СДСМ единствена опција на Ахмети да ја исполни идејата за Aлбанец премиер?
Лидерот на ДУИ, во интервју за косовска телевизија порача дека секој што е против Преспанскиот договор и против Договорот за добрососедство со Бугарија, не може да смета на партнерство со ДУИ во идната Влада.
Со тоа автоматски ја исклучија можноста да коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ и со нив да ја тераат агендата за Aлбанец премиер.
На прашање на Алфа, дали единствена опција им е СДСМ, интегративците велат тоа зависело од околностите.
Вчера Ахмети беше јасен, црвената линија за коалицирање ја повлекуваат кај договорите со Грција и Бугарија.
Со ВМРО готово се поставени црвени линии, за договорот со Бугарија, за договорот за добрососедство, за договорот од Преспа, за договорот со бугарската страна, кој што ВМРО не го прифаќа како договор, за нас тука е црвената линија. За нас нема враќање назад и кој сака да ги оспори овие договори, со нас нема работа.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за изјавата на Ахмети истакнаа дека не прифаќаат диктати ниту од СДСМ, ниту од друга политичка партија.
Ако Зоран Заев прифаќа откажување од Гоце Делев и Историјата на Македонија тоа ВМРО-ДПМНЕ нема да го направи по ниту една цена.
Принцип за идно коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде според тоа што ќе се попушти или распродаде, туку тоа што ќе се изгради и направи согласно понудената програма.
Кога ДУИ ја промовираа идејата за Aлбанец премиер, Заев веднаш реагираше дека не прифаќаат такви услови, но потоа Талат Џафери индикативно порача дека во политиката никогаш не треба да се вели никогаш.
Останува отворено прашање како ќе изигра онаа политичка партија од македонскиот блок која ќе победи на изборите, дали доколку Заев победи како што тврди, ќе си остане на зборот дека нема да го прифати условот на ДУИ, оти често во минатото даваше изјави кои потоа самиот си ги демантираше, особено кога тврдеше дека нема да има двојазичност,промена на името….
Meри Ѓорѓиевска