VOA: ОПТИМИЗАМ ВО САД ЗА БРЗО ПРОНАОЃАНЕ НА ВАКЦИНА ПРОТИВ КОВИД 19

Тестирањата на потенцијална вакцина за Ковид-19 врз луѓе веќе започнаа. Научниците велат дека може да биде достапна порано од предвиденото. Глобални здравствени експерти на виртуелна дебата организирана Гласот на Америка дискутираа за клиничките испитувања и за долгорочното влијание на вирусот врз општеството.

Стотици клинички испитувања се во тек во глобалната борба против Ковид-19. Меѓународните експерти за здравство се оптимисти.

„Никогаш досега не сме имале вакво мешање на научниот напредок во исто време со сосема нова пандемија. Останувам оптимист дека нешто ќе биде пронајдено“ вели д-р Борис Лусниак, Универзитет на Мериленд, Школа за јавно здравје.

Научниците од универзитетот Оксфорд најавуваат потенцијално откритие.
Тие веќе ги скратија проектираните временски рокови користејќи методи од претходни испитувања кои се покажале безопасни за луѓето. Сега се во тек клиничките тестирања.

„Мора да се направи многу внимателно за да не воведеме опасност во нашето општество, но последните информации од Универзитетот Оксфорд се многу охрабрувачки“ смета Лусниак.

Дури и по нејзиното завршување, пандемијата ќе остави долгорочни последици врз општествата и врз однесувањата на луѓето, сметаат експертите.

„Да одлучите денеска и да купите билети за да одите некаде – мислам дека веројатно повеќе нема да може да биде така. Ќе има повеќе планирање и правила кои ќе треба да се следат“ изјави д-р Чанг – Чуан Чан, Колеџ за јавно здравје на Универзитетот на Тајван.

Начинот на кои функционираат повеќето компании е веќе променет. Очекувањата се дека ваквите трендови ќе останат.

„Многу повеќе луѓе ќе работат од далечина. Правевме истражувања за ова. Многу повеќе луѓе, околу 80%, сега работат од дома во споредба со помалку од 10% што така прават редовно. И интересно е што сите сакаат да продолжат да работат на далечина“ изјави Кејт Лиз Стерн, Претседателка на Global Workplace Analytics.

„Штом се отвориме, светот дефинитивно ќе биде различен за сите затоа што мора да одржуваме социјално дистанцирање сè додека немаме вакцина“ вели д-р Притема Чанана, Истражувачки Институт Fortis Memorial.

Научниците од универзитетот Оксфорд велат дека нивната вакцина против коронавирус може да биде достапна уште во септември, додека другите лаборатории исто така ги интензивираат своите клинички испитувања.

Од Гласот на Америка за Алфа Никола Крстиќ во Вашингтон

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста