Алфа на Матка и Треска: За 1 мај прошетка, наместо излет и скара

Без големи гужви и со меѓусебно растојание, вака годинава добар дел од граѓаните го празнуваа први мај. За денот на трудот наместо излет и скара, пракса што со години се негува, годинава го немаше џагорот на луѓето, големите и бројни седенки во природа, имаше само мал дел на рекреативците кои излегоа само прошетка.

Алфа направи обиколка низ повеќе излетнички места. Отидовме на Матка, посетивме повеќе места околу Сарај, бевме и на езерото Треска. Секаде сликата речиси иста.

Овде на Матка беше раздвижено, но не како некогаш. Граѓаните кои дојдоа на Матка, велат дека ќе празнуваат, но не како некогаш.

Ова е сликата од убавините на Матка. А еве каква е атмосферата околу езерото Треска, каде годиниве немало место игла да се фрли, сега сликата беше речиси пуста. Галама правеа само птиците кои го надлетуваа езерото.

Пораздвижено беше околу камп приколките кај Треска. Оние кои излегле, главно повозрасните, се сеќаваат на убавото време кога се празнувало со дружби и пријателство.

– Дојдовме малку да излеземе од дома, сепак ја нема онаа галама каква што имало некогаш, па и до лани, паметиме само убави времиња, ова со вирусов сега ни направи да не можеме да се видиме со пријатели, а камо ли да дојдеме на пикник, велат за Алфа граѓаните кои дојдоа на прошетка околу езерото Треска.

Единствената скара која нашата камера ја регистрираше, беше во камп околу езерото Треска. Млади од Скопје решиле да излезат од дома и 1-ви мај да го прослават како што доликува, но со скратено време.

– Решивме сепак да направиме скара, некој стек, таков е денот, иако вирусот си го направи своето, но празик ни е, па наместо дома, дојдовме овде околу Треска во камп, рекоа млади дечки од Скопје кои сепак свртеа по некое мевце во природа, како што налага традицијата.

Иако државата реши да го олабави полицискиот час за првомајските празници, под услов да носат маски и да не се прават гужви на излетничките места, сепак имаше групирања, кои не сакаа да зборуваат пред камера.

Инаку, Меѓународниот ден на трудот се одбележува во знак на сеќавање на 1 мај 1886 година, кога во Чикаго, САД, повеќе десетици илјади работници излегле на улиците, барајќи подобри услови за работа и доследна примена на осумчасовното работно време.

Сè до 2006 година кај нас Денот на трудот се празнуваше два дена (1 и 2 мај), а од 2007 година се празнува само еден ден. Вообичаено кај нас овој ден не се одбележува политички, но е синоним за скара и природа. Традиционално на Први мај голем број граѓани ги посетуваат излетничките места.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста