Во услови на кризна состојба се излегува само по лек и храна

Без потврда од надлежна институција дека животот ви е во опасност нема да може да излезете од градот кој државата го ствила под карантин. Вака накусо изгледа движењето на жителите од местата каде е прогласена кризна состојба. Општествениот живот сведен на нула, оти во ваква состојба затворени се сите кафеани, ресторани, кафулиња. Со скратено работно време работи јавната администрација, а отворени се само маркетите, аптелите, банките и поштите.

„Рестораните, кафиќите, сето тоа што е општествен живот не функционира. По посебни протоколи за заштита ќе работат објектите за производство и снабдување со храна. Тоа граѓаните ќе можат да го прават врз основа на препораките од општинскиот кризен штаб. Дотурот на храна е организиран од институциите на посебен начин со помош на Црвениот крст. Што е можно повеќе да останат дома, освен одреден член од семејството којшто треба да излезе и да дополни дел од намирниците“, вели претседателот на техничката влада, Оливер Спасовски.

Во услови на кризна состојба, кога се загрозени здравјето и животот на луѓето, државата на готовс ја става целокупната јавна администрација. Во превенцијата покрај полицијата, вклучени се и Министерствата и локалната самоуправа. Законот за управување со кризи предвидува дека и дел од Армијата учествува во поддршка на полицијата во услови кога со кризната состојба е загрозена безбедноста на државата.

„За движење и работа во подрачјата зафатени со кризна состојба, на учесниците во системот за управување со кризи, како и на учесниците од меѓународни и други организации им се издава посебно одобрение – пропусница“, пишува во член 44 од Законот за управување со кризи.

Според Законот, кризната состојба не може да трае подолго од 30 дена. Доколку ситуацијата налага таа да биде продолжена за тоа треба да одлучува или Собранието или пак да биде прогласена вонредна состојба.

Инаку, вчера шефот на државата Стево Пендаровски најави оти во понеделник Советот за национална безбедност ќе треба да одлучува дали да се прогласи прогласи кризна или вонредна состојба во државата и дали војската ќе биде ангажирана во актуелната кризна состојба.

И лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги повика надлежните да прогласат кризна состојба во целата земја.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста