Полни улици, празни кафеани – по последните апели сликата во Скопје денеска малку поинаква

Кафулињата и рестораните празни, улиците и  маркетите полни.  Таксистите останаа без работа, автобусите празни кружат низ главниот град. Стравот од Корона вирусот се чувствува во Скопје, но градот функционира нормално. За разлика од вчера, сликата денеска е поинаква. Граѓаните велат дека ги почитуваат владините мерки за заштита и превенција.

Освен во сообраќајот, најголема раздвиженост има пред маркетите. Но паника од типот да се купува и да се правата залихи од храна нема….

Од Град Скопје информираат дека во текот на денешниот ден нивните инспекциски служби се на терен и проверуваат дали такси превозниците се придржуваат на препораките да користат заштитни ракавици и маски. Од друга страна пак таксистите се жалат дека заработувачката им е нула, никој не ги користи нивните услуги.

Од денеска е укината и туристичката линија наменета за туристички разглед на градот, не работи ниту жичницата, а не сообраќаат ниту трите бесплатни автобуски линии до Средно Водно.

Од Министерството за Здравство повторуваат: Луѓето повеќе да внимаваат на високата хигиена, младите да не се собираат во големи групи и повеќе време да поминуваат дома.

Дејан Трендов

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста