ВМРО-ДПМНЕ ќе ги бојкотира локалните избори ако не се набават апарати за отпечатоци од прсти

ВМРО ДПМНЕ ќе ги бојкотира изборите ако не се набават законски предвидените апарати за отпечаток од прст, најави првиот човек на партијата Мицкоски на брифинг со новинарите. Ако апаратите не се набават тоа според Мицкоски е сигурна алатка на власта за изборни нерегуларности и нов фалсификат, како што се случил на референдумот и изборите потоа.

Во законските измени минатиот февруари беше донесена одлука дека на наредните избори фингер принт апарати мора да има.

Од државната изборна комисија побараа околу 5000 апарати за да има по еден во секое избирачко место, а во поголемите по два. Биле дури и во посета на Ерменија за да го видат искуството кое се покажало позитивно. Од ДИК побарале средства од министерството за финансии од каде се правдале дека во тој момент не можеле да обезбедат пари заради пандемијата иако во законот стои дека апарати за наредните избори мора да има. По неколку месеци од финансии обезбедија пари сега останува уште да се набават апаратите. Извори во ДИК за Алфа тврдат дека намерно се одолговлекува постапката за набавка. Колку за споредба Албанија успеала да го реализира целиот процес за три месеци, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ кои тврдат дека има време да се набават апарати и целата операција со се обуки за избирачките обори би чинела не повеќе од 1,5 милиони евра. Пари кои, на пример се далеку помали отколку оние потрошени за т.н. национална платформа за онлајн учење која никогаш не профункционира. Дали власта свесно бега од законската обврска за набавка на апарати за отпечатоци од прсти и зошто, се очекува да објасни.  

Во подготовката за локалните избори во јавноста се отворија и темите за една изборна едница, отворени листи, како и цензус на партиите за влез во Собранието.

Според извори на Алфа во петок почнуваат со состаноци и работни групи од двете најголеми партии за измени на изборниот законик. Од ВМРО-ДПМНЕ меѓу членовите на групата се  Гордана Силјановска и Александар Николоски, а од СДСМ засега е познато името на Бојан Маричиќ. Барањата на најголемата опозициска партија што ќе бидат ставени на маса се: 3 проценти минимален праг на освоени гласови за било која партија да влезе во парламентот,цензус кој е поголем од оној што според истите извори на маса ќе го стави СДСМ, односно 2,5 отсто.  Цензусот за излезност на локалните избори останува ист. Второто барање на ВМРО ДПМНЕ е отворени листи и една изборна единица. Последното како што е познато за сега е неприфатливо за коалициониот партнер на СДСМ, ДУИ. Третото барање што опозицијата го става на маса е гласањето на дијаспората да не биде во постојните ДКП-а, оти луѓето не можат да патуваат по 2000 километри само за да гласаат- туку наменски да се отворат гласачки места според проценката на бројот на македонски државјани во конкретните иселенички места. На претходните состаноци на други работни групи од двете партии оваа идеја била отфрлена од СДСМ со образложение дека тогаш гласовите би завршиле на контото на вмро дпмне – брифираат од партијата.

Мери Ѓорѓиевска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста