Владата ја крие оставката на Филипче, така што останува дилема дали министерот навистина се повлекува

Содржината на оставката која министерот за здравство Венко Филипче ја понуди на премиерот Зоран Заев два дена по трагедијата во модуларната болница во Тетово е тајна. Барем ваков е заклучокот на јавноста, откако Алфа во повеќе наврати побара копија или увид на документот, но и одговор дали тој е поднесен во писмена форма и кога? Од владината ПР служба, на нашето прашање дали ќе ни достават копија од документот, со оглед на тоа дека се работи за тема од јавен интерес, поврзана со работата на носител на јавна функција, од Владата само кусо ни одговорија оти содржината не се разликувала од она што усно го кажа министерот кога ја најави оставката на прес конференција.

„Оставките на министерот и на заменик министерот за здравство се доставени до премиерот и се архивирани. Содржината не отстапува од она што веќе двајцата јавно го споделија, едниот на прес конференција, другиот преку социјалните мрежи. Премиерот веќе објасни дека проценката и одлуката по однос на поднесените оставки ќе ја базира исклучиво на фактите од истрагата“, вели портпаролот на Владата, Душко Арсовски.

Ова пак отвора дилема, дали министерот Венко Филипче, до неговиот колега и пријател Зоран Заев поднел барање да се повлече од функцијата поради морални причини или пак само му ја понудил својата оставка.

Министерот за здравство пак не ја чека одлуката на премиерот дали ќе остане или ќе замине од функцијата. Тој вчера учествуваше во работата на 106-тата владина седница што може да се види од фотографиите приложено во владиното соопштение. Филипче и утрово сподели фотографија од својот кабинет каде имал состанок со директорите на Клиниките од комплексот Мајка Тереза.

За разлика од Филипче, неговиот заменик Илир Хасани, кој исто така во петокот поднесе оставка од функцијата, се врати на своето матично работно место на Клиниката за трауматологија. Хасани пред два дена преку фотографија на социјалните мрежи објави дека е повторно на работа во операционата сала.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста