Џафери го одби барањето за разрешување на Филипче – ВМРО ДПМНЕ тврди дека Заев ја чува оставката во фиока

Оставките на министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Илир Хасани не се најдоа на расправа пред пратениците. Опозицијата ја напушти собраниската сала откако спикерот Талат Џафери одби да го стави на дневен ред предлог – барањето на ВМРО ДПМНЕ за разрешување на Филипче. Барањето го образложи пратеникот Антонио Милошоски, кој го повика Џафери да даде личен пример дека за ова сензитивно прашање има поголема свест од премиерот.

„Сметаме дека тоа е најмалку што може да го направи Собранието, да ја констатира оставката на министерот Филипче, кој што сноси објективна одговорност за ваквата катастрофа, а за субјективната негова одговорност или на други чинители ќе се одлучува во истражна постапка Јавното обвинителство. Предлагам оваа точка да биде прва на Дневниот ред и очекувам поддршка од сите пратеници“, рече Милошоски.

Џафери пак беше дециден, оти барањето било против уставно и во спротивност со деловниокот за работа на Парламентот. Рече оти министрите ги предлага Владата и таа ги разрешува, а Собранието само ги констатира владините одлуки.

Повикувајќи се на членот 219 од Уставот, координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Никола Мицевски вели дека кога член на владата поднесува оставка, таа не смее да се крие во нечија фиока, туку мора веднаш да биде испратена во Законодавниот дом.

„Собранието кога ќе добие оставката почнуват вашите процедури, а вие официјално немате добиено никаква оставка, кога ќе ја добиеме оставката, каде е таа, патува од Влада, чекаме да видиме дали ќе биде прифатена. Министерот сака од морални причини да си поднесе оставка, дали вие му ја оспорувате или целото ова е одредена игра којашто треба да се случи во самото Собранието“, вели Мицевски.

Инаку, Филипче понуди оставка до премиерот Зоран Заев на 10 септември, два дена по пожарот во ковид центарот во Тетово, во кој загинаа 14 лица. Заев на 11 септември кажа дека за оставката на Филипче ќе одлучи откако ќе ги види фактите од истрагата за пожарот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста