Заев се налути на прашањето за морална одговорност: Не размислувам, Мицкоски ли да стане премиер?

Премиерот Зоран Заев не сака да слушне за оставка, а за се погласните барања за ова во јавноста почна да демонстрира и нервоза и лутина. Запрашан дали барем размислил за оставка од морални причини, поради трагедијата во Тетово, тој одговори но со повисок тон:

-(ДАЛИ ВИЕ ЛИЧНО РАЗМИСЛИВТЕ ЗА ОСТАВКА ОД МОРАЛНИ ПРИЧИНИ ПОРАДИ ОВАА ТРАГЕДИЈА?) За што Мицкоски да дојде премиер да биде? Не размислувам, затоа што ќе бидат премиер или заменик премиер претседателот на Алијанса, кога ќе заслужат, кога ќе имаат емпатија со народот, кога ќе бидат тука да помогнат, кога ќе дадат идеи, а не вака грозотијата да ја користат на навистина на најперфиден, најлош начин, изјави Заев.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски за ваквата изјава на Заев вели дека била доказ дека тој не чувствува никаква одговорност, потенцирајќи дека ваквата изјава предизвикала гадење кај него.

-Тој човек не чувствува ни малку морална одговорност и тоа се обидува да го интерпретира дека ако тој замине, Мицкоски ќе бил премиер. Тогаш навистина освен она благо чувство на гадење кое што во овој момент го имам друго немам ништо да кажам, изјави Мицкоски.

Но не само за Заев, јавноста очекува одговорност и од министерот за здравство Филипче. Тој првично кажа дека нема тоа да го направи, за потоа да се предомисли по жестоките реакции во јавноста и да понуди оставка. Но премиерот само го констатирал барањето а за одлуката се уште тактизира:

-Трагедии се случуваат насекаде во светот и како што реков во соопштението до јавноста, го разбирам високиот морален чин од страна на министерот, на заменик министерот, на директорот, на економскиот директор, како чин кој е пред се од човечка причина, чин кој што е пред од етички, од морални аспекти и еве тие ја доставија оставката. Не мислам дека целата Влада треба да си поднесе оставка ради ова, изјави Заев.

Опозицијата бара премиерот Заев, кој ја одби оставката од Филипче, истата да ја достави до Собранието, со цел таму да биде изгласана и констатирана. Но, Заев одбива да го стори тоа. Нема ништо ниту од барањето кое Алфа го достави до Владата за јавно да се обелодени текстот од оставката на Филипче.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста