Тутунарите пред нов, сериозен проблем – немаат картонска амбалажа за пакување на тутунот ?!

        Нема крај на годинашните тутунарски маки. Освен катастрофалната откупна линија со понижувачки просечни цени, деновиве, тутунарите од источниот регион се соочуваат со нов, сериозен проблем кој им ја зголемува и неизвесноста, но и трошоците. Кооперантите кои имале склучено договори со откупувачот „Далија табак“ од Делчево, а кој пак, заради необезбедените  банкарски гаранции, не може да го продолжи откупот, сега родот треба да го предаваат во откупните пунктови на прилепскиот Тутунски комбинат, кој по налог на ресорното Министерство ја презел оваа обврска. Но, овие тутунари, сега немаат амбалажа за пакување на тутунот, па во паника, бурно реагираат на социјалните мрежи.

    „Тутунарите не само што произведуваат тутун, со оваа власт, сега ќе мораат да произведуваат и картони…ако не произведуваат картони ќе им остане тутунот непродаден…“

   „Кој си купи посовреме, се спаси сега….“

   „Браво, „Далија“ нема пари, сега ТКП излегува како спасител..и што правиме сега – дерење пак по нивно, се е изрежирано пред време…„

   „Истото сценарио беше и со грозјето. Само две визби го собираа, сега и со тутунот. Некој ќе си го наполни длабокиот џеб…“

    „А бе, директоре прилепски, зошто да не го земеш овој тутун кога ти е џабе, како што и овој договорениот ни го земаш за џабе…ти останаа пари, па сега со нив и овој да ни го земеш за без пари…“ – реагираат тутунарите на социјалните мрежи, каде од вчера, не се ретки и огласите за меѓусебна купо-продажба на картонска амбалжа, иако тоа е обврска на откупувачите.

    „Што ќе правиме со амбалажа, каде да обезбедиме и каде да го носиме тутунот ние од струмичко…?!“

   „Има, ама денеска ми побараа по 100 денари од картон..ќе морам да купам, овие нема да дадат никогаш….“

   „Се продаваат кутии за тутун од 1 евро, па до 100 денари, затоа нема, море ајдуци…?! 

     И додека тутунарите панично си го бараат спасот, од ТКП, се правдаат дека обезбедувањето на картонската амбалажа во случајов, било обврска на „Далија табак“, а не нивна. ТКП ги преземал само договорите, а тутунарите за амбалажа требало сами да си се снајдуваат. Од „Далија табак“ пак, денеска не одговараа на нашите телефонски повици.

    Од друга страна, додека двете откупни компании си ја префрлаат топката, добро упатени тутунопроизводители тврдат дека се појавил извесен турски откупувач кој сакал да влезе на македонскиот пазар и да го откупи вишокот тутун по загарантирана цена од 280 денари за килограм, плус 60 денари субвенции, без никаква обврска на државата. Но Министерството, наводно не ја прифатило оваа понуда.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста