Тројца од осомничените членови на „Десна“, партијата на Љупчо Палевски
Ниту обвинителството ниту МВР денеска не открија ништо за штипјанецот, кој според штурите информации, е инволвиран во убиството на 14-годишната Вања, но и 74-годишпниот Жежовски. Иако полицијата официјално не ги откри имињата на извршителите, на социјалните мрежи граѓаните веќе масовно споделуваат фотографии од двајца велешани и еден штипјанец, но Спасовски, не ги демантираше имињата веќе споделени во јавноста. Врската помеѓу нив е тоа што сите биле членови на партијата „Десна“ чиј претседател бил токму, според министерот, нарачателот и извршител на двете убиства, Љупчо Палевски – Палчо. Штипјани згрозени и шокирани од монструозните убиства.
Притворениот штипјанец Влатко Кешишов е кувар по професија. Тој на својот профил, на 13-ноември последно што има објавено е токму фотографија со Палчо, направена во кафуле во Штип. Тоа е само две недели пред да го извршат грозоморниот чин.
Шок и неверување и во Велес. Јавноста е згрозена и од фактот што еден од двајцата нивни сограѓани, сега притворени велешани постојано на својот Фејсбук профил и покрај грозоморните убиства што ги извршиле, интензивно споделувал видео клипови и политички пораки од првоосомничениот Палевски. Велешанецот Велибор Манев кој е татко на две полнолетни деца активен на социјалните мрежи бил дури и на денот кога ја киднапирале Вања.
Вториот велешанец Боре Видевски е каратист. Засега полицијата не открива дали тројцата од претходно имат било какви досијеа, со образложение дека со јавноста не смеат да споделуват било какви информации се додека случајот е во предистражна постапка.
Александра Ристевска