Теута Арифи ангажирала стотици хонорарци

Општина Тетовo на својата интернет страница објави список на лица кои имале договор на дело со претходното раководство, а поради што тврдат дека општинскиот буџет е оштетен за над седум милиони денари.

Според денешната информација на општина Тетово се работи за вкупно 811 договори склучени во 2021 година, заклучно со септември со 544 луѓе. Од тие 250 лица донеле извештај за сработеното согласно договорите, додека 244 лица немаат донесено извештај.

-Лицата кои донеле извештај за сработеното, согласно нивниот договор,ќе им бидат исплатени сите преостанати плати кои не беа исплатени како резултат на увидот за овој законски прекршок на претходната власт. На оние пак, кои не испратиле извештај за сработеното, ќе им биде испратено известувањето за враќање на добиените средства од нивните договори во буџетот на општина Тетово. Во спротивно, ќе се соочат со кривични пријави – информираат од Општина Тетово.

Оваа постапка беше најавени лани од градоначалникот Биљал Касами една недела по преземањето на должноста. Тогаш објави дека општината исплаќала плата за 340 редовно вработени и над 350 хонорарци и рече дека ќе се преиспитуваат сите кои земале хонорари а не оделе на работа. 

Општинарите велат дека ваквиот тренд на објави ќе продолжи тековно и сите договори на дело ќе се објавуваат секој месец на веб-страницата на општината и на официјалната страница на општина Тетово на Фејсбук. При преземањето на власта Касами рече дека општината е во тешка состојба поради високите износи за плати и хонорари и долг од над 24 милиони евра. 

„Жално е во каква состојба ја остави општината предходното раководство. Општината ја најдовме со многу долгови и неправилности во сите области. Граѓаните заслужуваат да ја знаат вистината. Граѓаните треба да знаат каде одат нивните пари. Граѓаните заслужуваат да ззнаат што се случува со нашата општина. Податоците воопшто не се добри. Мниогу се взонемирувачки. Како што ветивме и во текот на изборната кампања, така правиме и сега. Транспарентноста и отчетсноста се наши приоритети. Во текот на нашиот четири годишен мандат ќе известуваме континуирано пред граѓаните“, изјави Касами.

Според градоначалникот од вкупно 24 милиони евра долгови- 14 милиони се на името на Општина Тетово, Јавното Комунално Претријатие (ЈКП) Тетово должи 9,7 милиони евра, 187 илјади е долгот на ЈП Градски паркинг и 77 илјади евра должат училиштата.

Александар Самарџиев

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста