БНТ шири пропаганда ама зошто надлежните кај нас си молчат?

Зошто македонското МНР молчи за содржината на бугарската БНТ4 која се емитува во Македонија речиси една година? Нема одговор на прашањата на Алфа зошто не реагираат и не се преземаат ништо за програмата во која македонските револуционери и дејци се претставуваат како бугарски, па дури и се негира постоењето на посебен македонски народ.

И од Владата се прогласија за ненадлежни, а Агенцијата за медиуми тврди дека не може да постапува за спорните содржини емтиувани од странски канали.

Сепак, во законот за аудио и аудиовизуелни услуги, членовите 45 и 48 укажуваат дека Агенцијата може времено да ја ограничи слободата на прием односно реемитувањето и на странски програми доколку тие поттикнуваат меѓу другото национална омраза и нетрпеливост. 

Аудио и аудиовизуелните медиумски услуги не смеат да содржат програми со кои се загрозува националната безбедност, се поттикнува насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, се повикува на воена агресија или на оружен конфликт, се поттикнува или шири дискриминација, нетрпеливост или омраза врз основа на раса, пол, религија или националност.

И покрај ова, директорот на АВМУ тврди дека бугарските канали можел да ги контролира само бугарскиот регулатор.

Во согласност со законот, за содржините за странските канали се надлежни регулаторните тела во државите од каде што се произведува програмата, во овој случај регулаторното тело во Бугарија. Ние на странските канали што се емитуваат во Македонија не им правиме никаков мониторинг, освен за каналите за кои ние сме издале дозвола. Конкретно околу содржините на БНТ буквално ништо не можеме да направиме – рече вчера во изјава за Алфа, Зоран Трајчевски, директор на АВМУ.

Од друга страна бугарските власти за најмали ситници испраќаат реакции и предупредуваат дека од македонска страна наводно се кршел договорот меѓу двете влади, па дури и бугарскиот премиер Петков телефонски интервенираше кај македонскиот премиер Ковачевски за однесувањето на комитите на јубилејот за Гоце Делчев по што МНР излезе со осуда и реакција.

Кога беше договорено емитувањето на БНТ во Македонија требаше да има реципроцитет – МТВ да оди на операторите во Бугарија. Сепак, ова не е испочитувано.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста