Студентите сакаат класично полагање на испити, но како да се заштитат?

Иако процесот на настава во високото образование за само една недела беше дислоциран во онлајн учење, анкетите во Битолскиот универзитет покажуваат дека студентите сакаат класично полгање на испитите. Ова на денешниот брифинг  го рече ректорот, професор д-р Сашо Коруновски.

“Го пратиме и пулсот на студентите од УКИМ, кои едногласно се изјаснија дека засега се против воведување на онлајн – полагање. Тоа од една страна зборува за нивната свесност и совесност, дека она што значи онлајн полагање, треба да одговара на квалитетот на нивните знаења. Инаку, би барале некаква друга опција” – рече битолскиот ректор.

Меѓутоа, сега се замрзнати сите испитни рокови, но откако со новите мерки процесот ќе се либерализира, се создаваат други проблеми околу заштитата на студентите, за што, надлежните треба да пропишат соодветен протокол.

“Ако треба да се вратат студентите, голем проблем кај универзитетите и предизвик ќе биде да направиме здрава работна средина. Секој оној што ќе дојде на час или ќе има друга потреба во сите овие простории, треба да го заштитите, зашто Универзитетот не смее да биде потенцијално жариште на било каква болест. Сепак, се работи за повеќе илјади студенти и тоа не е мала работа. Ние не сме обучени тоа да го правиме” – рече професорот Коруновски.

За овие и другите предизвици и влијанието на пандемијата врз високото образовние, во “Корона онлајн дијалози“ што од вечерва јавно ги организира Битолскиот универзитет, одговори ќе даваат министерот за образование Арбер Адеми, како и ректорите на битолскиот, скопскиот, штипскиот и јужноевропскиот универзитет.

Петар Стефановски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста