ЕК: раст на долгот и три пати поголема дупка во буџетот од 828 милиони евра

Рецесија, односно пад на економијата за 3,9%, а догодина раст од 4%. Долгот ќе расте, луѓето ќе остануваат без работа, буџетскиот дефицит ќе се продлабочува – ова е последната проекција на Европската Комисија за Македонија.

Приходите во буџетот ќе се намалат за една четвртина (25%). Државниот долг ќе порасне за 7% на 47,2 отсто од БДП. Комисијата нема проекции за јавниот долг, но ако тој се зголемува со истата динамика, математиките покажуваат дека од сегашните 50.7% до крај на годинава тој ќе достигне 56 отсто од БДП.

Унијата проектира буџетски дефицит од 6.8% кој е за дури три пати поголем од првично планираниот годинава од 2,3%. Тоа значи дека предвидената дупка во државната каса од 276 милиони евра ќе се зголеми на дури 828 милиони евра. Од Делегацијата на ЕУ во Скопје велат дека Владата креирала мерки на слично ниво со државните членки на Унијата, но и дека треба да внимава, зошто пролонгирањето на кризата ќе го отежни менаџирањето со помошта за фирмите, па неопходно ќе биде да се направи ребаланс на буџетот.

„Ако споредуваме со земјите членки на Европската Унија, ова не е многу голем долг, но во исто време, Македонија има многу помал капацитет за собирање даноци од ЕУ. Во таа смисла ова е загрижувачки развој на настаните“ – вели Фрик Јанмаат од Делегацијата на ЕУ во Македонија.

Во извештајот стои дека поради последиците од корона вирусот, невработеноста во земјава ќе се зголеми на 18,1%. Главните ризици врз економијата доаѓаат однадвор, односно од состојбата на најголемите трговски партнери. Во земјата, пак, ако кризата потрае, ќе се случи поголем раст на невработеноста, намалување на трошењата и пад на буџетските приходи.

Претставникот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Фрик Јанмаат, не сакаше да ја коментира опцијата за намалување на плати во администрацијата, но посочи дека ако тоа е политичка одлука и Владата треба добро да размисли пред да ја спроведе.

Инаку, Европа ја чека најтешката рецесија уште од времето на Големата депресија во 1930-тите години од минатиот век. Еврозоната ќе заврши во минус од 7.7%. Нашиот најголем трговски партнер, Германија, според комисијата ќе ја заврши годината со рецесија од минус 6,5%. Од земјите од регионот, Србија ќе заврши во минус од 4,1%, Албанија во минус од 4,8%, а Црна Гора во рецесија од 5,9%.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста