Стари мерки, нови и големи бројки на Ковид случаи – за власта централна тема е онлајн Собрание

Македонија веќе го живее новиот есенски бран на корона вирусот, но со застарени заштитни мерки донесени пред неколку месеци. Земјава урива рекорди по бројот на заразени и починати, а новите мерки кои надлежните ги најавија уште минатата седмица доцнат. Министерот за здравство Венко Филипче се правда – препораките за носење заштитна маска на отворено биле доволни и засега не се разговарало на нови рестрикции. Но, пропушти да каже кога тоа ќе почне да се имплементира.

„Во овој момент освен овие препораки нема потреба од други дополнителни рестрикции. Дополнителни рестрикции би вклучиле рестрикции што се однесуваат на луѓето во јавниот превоз, евентуално ограничување на работните часови кај дел од економските субјекти, угостителски објекти итн“, вели министерот Филипче.

Сепак, во борбата граѓаните да се заштитат од опасниот вирус, останува само надежта на министерот дека пратениците наскоро ќе ги донесат потребните законски измени, бидејќи земјава веќе не е во вонредна состојба па Владата не може да носи уредби по своја волја. Од друга страна, мнозинството во Парламентот се тенчи бидејќи секојдневно се јавуваат нови позитивни случаи на Ковид 19 во законодавниот дом. Надлежните во очај, бараат Законодавниот дом да заседавал онлајн.

„Тоа е нешто што ние веќе го правиме во Владата со зум седниците преку зум платформата. Никако не треба да се сфати дека платформата е во било која смисла обид да се компромитира било кој капацитет на Собранието, дали демократскиот, дали функционалниот. Искрено, сметам, но нека утврдат и службите нека каже и дали тоа може од законодавно правен аспект да се спроведе, од технички верувам дека може да се изведе. Исто така верувам дека се сите свесни дека во периодот којшто доаѓа приоритет ќе биде заштита на здравјето“, вели Филипче.

И додека соседните земји ги затвораат рампите за македонските државјани, Владата во понеделникот ги отвори домашните граници за влез на странски државјани без досега неопходниот ПСР тест. Засега Македонците ќе може слободно да патуваат само во Косово и Албанија. Надлежните се правдаат, границите се отвориле на предлог на Комисијата за заразни болести, оти епидемиолозите заклучиле дека нема опасност вирусот да биде внесен од надвор.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста