Заради напишан ФБ – статус – поранешниот директор на струмичката Подружница на ЈП „Македонски шуми“ – избркан од работа ?!

          Од директор на Подружница, по брза постапка станал чувар на рампа, па добил решение за суспензија, а неодамна и отказно решение од работното место – самостоен референт за расадничко производство ?! И се’ тоа заради напишан фб-статус  во месец март,  во кој како што тврди отпуштениот агроном, Кире Михаилов укажал дека дел од директорите од ова ЈП, биле заразени со Ковид 19 и дека тоа го криеле од своите вработени со што го довеле во опасност здравјето на останатите колеги. Михаилов кој сега е оставен на улица, вели дека е жртва на политички реваншизам.

    „Јас сум една од низата жртви што се најдоа на улица без корка леб, само затоа што сум неистомисленик со оваа власт. Ова е класичен пример за тоа како не треба…Во оваа држава дојде животот дури и за магарињата, меѓутоа нема живот за Македонецот. Јас бев вработен во Македонски шуми во Струмица, бев префрлен во Радовиш и оттаму го добив Решението за престанок на мојот работен однос“, – револтирано раскажува агроном КИРЕ МИХАИЛОВ од Струмица.

       Според него, апсурдот да биде поголем, по само два дена од неговата фб- објава, се испоставило дека наводите во неа биле точни.Тоа се потврдиле со јавното писмо на вработените од Подружницата во Велес, која, без никакво официјално образложение за вработените, едноставно била затворена на неопределено време.

         „Јас останав без работа, затоа што напишав една единствена реченица на фб, на мојот личен фб-профил и тоа во период кога бев на неплатено отсуство. Веднаш штом се вратив на моето работно место, вториот ден добив дисциплинска, бев суспендиран, па ми беа поднесени редица кривични и прекршочни пријави, за една реченица, која што, за жал, беше вистинита. Ништо ниту излажав, ниту навредив. Меѓутоа, очигледно е дека онаа позната на Фрчкоски, ќе ја тераат – вие избркајте ги, па Судот нека ги враќа“, – објаснува Михаилов.

       На чија страна е вистината, одговор побаравме и од ЈП „Национални шуми“, но до овие вести, не добивме одговор.

        Инаку, Михаилов тврди дека тој не бил единствената жртва на ваквиот реваншизам. Со слични шиканирања се соочила и група од десетина негови колеги – поддржувачи, како и член од потесното семејство кој бил прераспределен на работа од Струмица во Скопје.

    Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста