Шилегов стана градоначалник со програма од над 100 проекти, а заминува со голема листа на неисполнети ветувања

Уште шест месеци од мандатот на градоначалникот на Скопје Петре Шилегов. Листата предизборни ветувања вклучуваше над 100 проекти, но долга е и низата на неисполнети ветувања.  Градскиот татко на големо ветуваше дека ќе го реши најгорливиот проблем на скопјани – аерозагадувањето. За таа цел, тој потпиша и платформа со граѓанската иницијатива „О2 коалиција“. Повеќе од три години подоцна, граѓаните се гушат во отровен воздух, а зимава Скопје неколку пати се најде на врвот најзагадени градови во Европа. Наместо борба за чист воздух, овие години ги одбележа и градежна експанзија, скандали со дивоградби и уривање споменици. Шилегов ветуваше дека во Скопје секоја идна улица, мост или булевар ќе има задолжителен и безбеден простор за пешаци и велосипедисти. Ветуваше и регулирање на јавниот превоз со трамвај. Најави и дека до крајот на 2021 Скопје ќе биде „Зелена престолнина“.

За работата на градоначалникот Шилегов и дали ги исполни своите ветувања, граѓаните со поделени мислења. Не се задоволни од резултатите од борбата против аерозагадувањето, а сметаат и дека градоначалникот не треба да се занимава со уривање на веќе завршените градби, туку да ги доврши неговите најавени проекти.  

Откако првиот човек на Скопје, за грчки медиум имаше изјавено оти се надева дека споменикот „Воин на коњ“ ќе биде отстранет од плоштадот, од ВМРО – ДПМНЕ обвинија дека Шилегов во својот мандат повеќе уривал отколку што градел. Градоначалникот остро реагираше на социјалните мрежи.

Повторно лаги, манипулации и обвинувања од ВМРО-ДПМНЕ за работи во кои и самите не веруваат. Тешко им е да ја прифатат новата реалност, дека Скопје се менува и чекор по чекор прераснува во модерен град, гордост за сите – напиша Шилегов.

Уште во првите месеци од мандатот на градоначалникот, тој го отстрани споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, што предизвика низа бурни реакции во јавноста. Упатените тогаш алармираа дека градските власти треба да се фокусираат на ветените проекти. Кон крајот на минатата година, тој повторно ја оживеа идејата и за дислоцирање на спомениците од „Скопје 2014“.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста