Шилегов не кажува кој се спонзорите што ќе дадат 100.000 евра за Дино Мерлин

Шилегов не отстапува, наместо парите да ги даде во хуманитарни цели ќе ги даде за настапот на Дино Мерлин.

Градоначалникот не одговори на прашањето колку човечки животи би биле спасени со предвидените 100.000 евра за настапот на музичката ѕвезда, само се пофали дека СДСМ има потрошено многу средства за помагање на социјалните категории, како и дека секој има право да размислува како што сака.

Тој се пофали и дека град Скопје ги помага лицата со посебни потреби, иако последните герила акции не го покажаа истото, каде во пресрет на денот на лица со попреченост, активистите претходно преку слики аламираа за непристапноста на клучните јавни установи за овие лица.

Во Скопје активистите како непристапни покрај останатите ги обележаа Поликлиниките во Чаир, Ѓорче Петров, Шуто Оризари, диспанзерот во Карпош.

И додека граѓаните преку смс пораки собираат средства за болните лица кои мора да заминат на операција, Дино Мерлин ќе земе 100.000 евра за само неколку часа пеење, кој ќе го плати, одговор не добивме.

Градоначалникот под оправдание дека не се занимава со такви работи а, и дека нема овластување не сакаше да ги открие спонзорите на најскапиот настап во однос на останатите балкански ѕвезди кои ќе настапуваат за помалку пари.

Сепак, Шилегов се радува на фактот дека за Нова Година сите хотели во Скопје ќе бидат наполнети, и на социјалните мрежи на јавностa која го критикува и порача ако ништо друго барем да се радува на туѓата среќа.

Симона Србиноска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста