Самсоненко за плацот на Водно: Го купив за 110 милиони денари, да ми објасни судот зошто не можам да градам

Плацовите на Водно биле легално купени и продадени. Ова го тврдеа двајцата сведоци на одбраната, Сергеј Самсоненко и Владимир Стаиќ во судскиот предмет „Плацови на Водно“.  Со ваквите искази дадени пред судот, целосно го негираа обвинителниот акт, дека екс премиерот Груевски е вистинскиот сопственик на земјиштето, а со префрлање на сопственоста од една на друга фирма, се правеле обиди тој да се сокрие.

Самсоненко пред судскиот совет сведочеше дека законски купил и платил земјиште од околу 10 000 квадрати на Водно во 2019 година, од бизнисменот обивнет во случајот Орце Камчев. Вредност на плацот била 110 милиони денари, кои рускиот бизнисмен требало да ги исплати за три години, а тој ги исплатил и пред време.

„Јас некое време барав голем плац за да изградам куќа за моето семејство за живеење. Не можев да го најдам тоа што ми треба затоа што барав над 5000 квадрати. И Орце Камчев ми го предложи овој плац како една од варијантите. Јас разгледував неколку варијанти и ја одбрав оваа”, рече Самсоненко.

Бизнисменот вели сега бил во загуба затоа што плацот бил блокиран а немало ниту пат до него. Покрај Самсоненко сведочеше и сопственикот на „Супер трејд“, бизнисменот Владимир Стаиќ, кој купил друг плац од  истата фирма во 2018 година.  Стаиќ тврдеше дека го купил плацот од Камчев, со намера да изгради куќа за да живее во неа или да ја препродаде. Досега не изградил, како што рече, зашто тој период купувал и градел бензиски пумпи, а потоа почнала кризата со ковид-пандемијата. Плаќањето, како што сведочеше Стаиќ, било законски како што договориле правните тимови во договорот за купопродажба.

На прашање на адвокатите на Камчев, дали го познава Никола Груевски, Стаиќ одговори дека ниту го познава ниту некогаш бил во иста просторија со него. Со овие искази одбраната го уверува судот дека сите плацови биле купувани и продавани легално, а не како што тврди обвинителството. На следното рочиште, закажано за два дена, обвинетите ќе ја даваат својата одбрана.

Во случајот за перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот се товарат екс премиерот Груевски, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Орце Камчев и мајка му Ратка Куновска Камчева а екс директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за помагање.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста