Сива прашина насекаде, пајажини, умирисана на влага , плочките и прозорците беа скоро црни. Креветот на кој ни рекоа да седнеме имаше капки од пот и крв од други пациенти.
Ова не е сцена од хорор филм, вака штипјанката Горица Митева на социјалните мрежи ја опиша болничката соба на Инфективното одделение во Штип каде што вчера заедно со своите родители –сите инфицирани со Ковид-19 биле примени за болнички преглед. Тврди дека за амбулантно возило со кое требало да ги транспортираат од дома до болницата чекале три дена, за на крај тие сами да се организираат. Младата штипјанка реши да ја сподели семејната голгота, но и да проговори за несоодветниот однос на медицинскиот персонал на кои наишле при прегледот кој им бил закажан вчера откако 11дена се лекувале во домашни услови. Објаснува дека кон нив се однесувале како со животни и наместо со мирен и спокоен тон наишле на лекари подготвени за тепачка.
Сестрата му се раздра на татко ми, затоа што не можеше да му ја пронајде вената . му ја буташе иглата, за на крај да му ја пробие вената. Поради тоа што на сестрата и беше жешко на мене ми зеде крв од дланката. Во меѓувреме мајка ми ја испратија на магнетна резонанса. Чекавме поливина час.од таму требаше да ја однесеме на другиот дел од зградата. И се слоши. Побаравме количка. Ниту им беше гајле, ниту помогнаа.
Митева за Алфа вели дека стои позади сето она што го споделила на социјалните мрежи. Сепак не замоли дополнително да не ги вознемируваме, бидејки на семејството сега му е потребно мир за брзо закрепнување.
Директорот на болницата Ален Ѓеоргијев ја повика Митева да напише изјава до него во која ќе го опише третманот што го добиле од медицинскиот персонал , по што тој би го разгледал случајот и соодветно би постапил..
Во меѓувреме состојбата во Штип кој го доби приматот македонски Вухан станува се поалармантна. Матичните лекари тврдат дека се потешко можат да закажат тестирања.
Еве јас веќе две недели немам закажано термин за тестирање, а имам пациенти кои се за тестирање, биле во контакт со заболен или имат во семејството заболен од ковид-19. Само последната недела што помина кај мене се јави потреба да ссе тестираат шест пациенти , ама не можам да најдам термин –изјави д-р Ванчо Коцев кој и самиот успеа да се пребори со вирусот
Заклучно со вчерашните, во штип има 431 активен случај. Според податоците штип е вториот град со најмногу заразени. Дополнително загрижув фактот што се намалува возрасната граница. До крајот на мај најзастапена беше популацијата од 50 години па нагоре, за разлика од сега кога се почесто термини за тестирање бараат лица од 17 до 45години.

Александра Ристеска