Повеќе од 100 заразени во Скопје- главниот град стана главно жариште на коронавирусот

Скопје ново жариште на коронавирусот, од вкупно 177 заразени, 108 се од главниот град на Македонија. Во текот на минатите 24 часа во целата земја има 29 ново заразени. 20 од нив се од Скопје, по три лица има од Куманово и Велес, двајца се од Прилеп и еден од Дебар.

Токму Куманово е еден од градовите каде што има голем пораст на бројот на заразени во последниве денови, таму моментално има вкупно 11 заразени од коронавирусот. Ваквите бројки доведоа до применување на зајакнати мерки на претпазливост во овој град, односно еден вид на карантин за целиот кумановски регион.

-Ќе се укине целосно меѓуградскиот превоз помеѓу Куманово и сите останати градови, понатаму се укинува градскиот превоз во Куманово, се дава препорака да се затворат сите продавници во трговските центри кои што не се молови, се во форма на полуотворени трговски центри, за кои што не важи онаа одлука на Владата, затоа што не се класични затворени молови, изјави Филипче.

Градоначалникот на Куманово побара и да има контролиран влез и излез од градот, а порача и дека е потребен поголем број медицински кадар во градот во овој момент.

Покрај Скопје каде бројот на заразени надмина 100 и Куманово каде последниве два дена рапидно за зголемува бројот на заразени, третото жариште на Ковид 19 во земјава е Дебар со денешниот еден случај, сега има 41 заразен.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста