Португалија нема да брза со проширувањето

Лисабон ќе се однесува претпазливо со проширувањето,а Бугарија не може да се обвинува за кочење на процесот.Студен туш од Португалија за оптимизмот на Бујар Османи дека за време на португалкото претседателство Македонија може да се надева дека ќе се придвижи на патот кон ЕУ.

Португалскиот амбасадор во ЕУ Нуно Брито за агенцијата БТА потврди дека неговата земја нема да брза во првите шест месеци со заклучоци за проширувањето во Советот на унијата. Бугарија според него неосновано се обвинува.

“Не е во ред да се обвинува Бугарија за попречување на процесот бидејќи токму таа држава е еден од најсилните поддржувачи на проширувањето на ЕУ. Потребна е едногласност за донесување одлуки во оваа област, а дискусијата за проширувањето продолжува на високо политичко ниво”, вели Брито.

Од друга страна бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов во интервју за БТВ рече дека ако Македонија продолжи да се однесува како држава која и е ментор на Бугарија и ги определува условите, ќе чека уште долго.    

“Бугарија има право да побара од земјите кандидатки за членство да исполнуваат одредени услови. Еден од условите е нашата национална сигурност. Нема како понатаму со инаетот што го гледаме во Скопје. Велат „ние сакаме“, ама па и јас можеби многу работи сакам во животот, ама не можам да сакам нешто што не е мое. Нема зошто да претендираш за бугарската историја, нема зошто да не се извиниш  на луѓето што си ги тормозел бидејќи биле Бугари”,вели Каракачанов.

Темата за Македонија според него уште долго ќе биде актуелна во Бугарија.

Градимир Марковски