Пелагониските пратеници идната недела, до републичкото Собрание ќе ги поднесат предложените измени и дополнувања на Законот за тутун

    Предлог-измени и дополнувања на актуелниот Закон за тутун, вклучително и на членот за слободен увоз на тутун, идната недела ќе поднесат пелагониските пратеници до републичкото Собрание, а со цел да им се помогне на македонските тутунопроизводители кои веќе неколку години се жалаат на катастрофално ниската откупна цена. Ова е произлезената иницијатива од днешниот прв координативен состанок на градоначалниците и пратениците од Пелагонискиот регион, а на идеа на прилепскиот градоначалник, Борче Јовчески.

  „Дојдовме до еден предлог да се обратиме до Собранието каде што би се работело на промена на Законот за тутун и производи од тутун, со тоа што би се забранило увоз на надворешен тутун до оној момент додека не се откупи и последниот килограм на домашниот тутун. Со тоа би ги заштитиле тутунопроизводителите чиј што живот и егзистенција зависат од тој тутун“, – рече градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

   „Со овој Закон кој е изменет во 2019-та година од страна на Владата на СДСM и ДУИ, во овие неколку години, има големи проблеми во откупот на тутунот. Пред се, тука мислиме на забрана на увозот на тутун од страна, склучување на договори со сите коминтетнти и оние кои во изминатите години поднесле жалби за да нема реваншизам кон тутунарите и да се зголеми контролата врз откупувачите од страна на државата, бидејќи се врши очигледен грабеж на тутунарите“, – рече прилепскиот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески. Според него, овие предлог-измени до Собранието ќе биле доставени веќе наредната недела, што всушност ќе значи и трето нивно поднесување, откако во февруари и мај, минатата година, пратениците од СДСМ одбија да ги изгласаат.

  „Не е проблем со увозот на тутун што легално се увезува, но имаме информации дека и лани, а и сега дека се дозволува огромен шверц на тутун од Бугарија и од Албанија. Се носи тутун по многу евтина цена, 60-90 денари и плус за тој тутун, кој се предава како домашен, се земаат и субвенции “, – кажа пратеникот Петар Ристески.

    На денешната прва координативна средба на пелагониските градоначалници и пратеници, и покрај уредната покана, не присуствуваа градоначалниците на Кривогаштани и Крушево кои пак, се од редовите на СДСМ.

   Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста