Хајредини за Алфа: Власта живее во илузија и ја крие реалната економска состојба, прогнозите за раст од 4% се нереални

Власта продолжува да живее во илузија и ја крие реалната економска состојба во Македонија, прогнозите за раст од 4% се нереални. Ова за Алфа го изјави поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, откако идниот премиер Димитар Ковачевск најави прогнози за економско закрепнување за 2022.

Хајредини рече дека новата Влада треба да престане со популистичките мерки, зашто тоа е крајно несериозно. Според него, земјава успеала да ги ублажи последиците од кризата предизвикана од пандемијата, но сега се соочува со енергетска криза која може да има големи последици.

  • Мислам дека новата влада треба да престане со популистичките мерки. Сега ја држи јавноста во неизвесност и живее во илузија, па така ја крие реалната состојба во земјава. Најавите дека нема да се зголеми многу цената на струјата се штетни за граѓаните затоа што загубите на компаниите снабдувачи ќе се плаќаат од буџетот, а тоа ќе го плаќаат граѓаните. Се се плаќа, само се менува формата, вели Хајредини за Алфа.

Ставот дека ќе нема економско подобрување го делат и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Велат дека оптимизмот на Димитар Ковачевски бил нереален и дека македонската економија нема да има раст од 4%.

  • „Го читам Ковачевски, инаку се уште заменик министер за финансии, како сега како мандатар најавува економски раст од над 4%, па се чудам. Прво, зошто не се држи до 4,6% колку што проектираше Министерството за финансии? Па почеток на година е, а Ковачевски веќе бега од проектираната бројка. Второ, се фали со даноците. Ајде Ковачевски бидете доблесни и кажете кои даноци точно. Дали зборувате за ДДВ кое е резултата на инфлацијата и повисоките цени? Увозните давачки кои се исто така повисоки поради повисоките цени? Прецизирајте, ве предизвикувам“, пишува Гордана Димитриеска-Кочоска.

Стопанството очекува тешка економска година со многу предизвици. Предвидувањата, според стопанските комори, не се оптимистички – трендот на неизвесност ќе продолжи, а може да се очекуваат и дополнителни негативни последици од пандемијата. Енергетската криза дополнително го усложни економскиот амбиент и ги покажа и слабостите на системот.

Инаку, со стартот на новата година почна и примената на поскапите сметки за струја и парно. Фактурите за електрична енергија ќе пораснат за 9,48%, а кај парното по 14,05%. Веќе ја нема ниту евтината дневна тарифа, но како што велат од Регулаторната комисија, така било избегнато поголемо поскапување.

За намалување на ценовниот шок, од средината на минатиот месец замрзнати се цените на лебот, млекото, зејтинот, шеќерот. Според одлуката, тие цени ќе важат до крајот на Јануари, но властите ветија дека ако има потреба, мерката ќе биде продолжена.

Предизвик годинава останува енергетската криза која ќе покаже дали ќе има доволно електрична енергија, колкава ќе биде нејзината цена и колку кризата ќе се одрази врз работата на компаниите.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста