Носталгија и трагедија – Каракачанов поетски ја критикува Македонија

Македонија е најтрагичниот дел од нашата историја – поетски порачува бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов. И понатаму цврсто стои на ставот дека Македонија била од стратешки интерес за Бугарија и по изборите во април ништо нема да се промени во политиката на Софија.

Како што велеше претседателот Петар Стојанов, ова е најромантичниот, но јас би додал и најтрагичниот дел од нашата историја. Не можеме да се согласиме со она што се случува во Република Северна Македонија и никакви избори не се причина за тоа – вели Красимир Каракачанов за БНТ.

Каракачанов е категоричен дека Бугарија не ја затворила вратата на Македонија кон ЕУ, а дебатите и преговорите меѓу двете страни продолжуваат. Вели, имале морална одговорност кон Бугарите кои живеат во Македонија.

– Таму и до денес, и покрај сите перипетии на времето, и покрај теророт што беше наметнат по 44-та година во Титова Југославија, сè уште има многу луѓе кои се нарекуваат Бугари. Имаме морал и историска должност кон овие луѓе – вели Каракачанов во интервјуто на БНТ.

Каракачанов обвини дека во Македонија националниот идентитет се градел врз основа на кражба и негирање на бугарската историја. Вели дека не им пречело некој да сака да го гради својот идентитет, но не со омраза кон Бугарија. Средбите со нашиот претставник, Бучковски ги опиша како колегијални и пријателски, но Бугарија нема намера да менува ништо од нејзините барања.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста