„Не умемее да ја решиме оваа задача, прости ни, не знаеме како да се поздравиме“ – училиштето се простува од Вања

„Не умемее да ја решиме оваа задача, прости ни, не знаеме како да се поздравиме“ – училиштето се простува од Вања

Тажни, гневни, со болка во срцето и со солзи во очите – соученици, другари, наставници, родители но и обични граѓани се збогуваа со Вања Ѓорчевска чиј живот прерано згасна. Се чекаше ред за да се потпишат во книгата на жалост пред училиштето „Јохан Хајнрик Песталоци“ каде што учеше таа. Пред книгата, сликата од Вања, носи уште поголемо треперење кај секој што ја пишуваше последната порака за неа.

Од Вања се простија и нејзините наставници со трогателни реченици.

  • Наставниците не умеат да ја решат оваа задача, Вања. Прости ни, не можеме, не знаеме како да се поздравиме… Нека ти биде светол патот кон вечноста! Твојата насмевка и искрена душа засекогаш ќе останат во нашите срца. Со неизмерна болка и љубов, твоите наставници и соученици, најмила Вања! – пишува во статусот на фејсбук профилот на „Јохан Хајнрик Песталоци“.

Менаџментот на училиштето во соработка со повеќе психолози целосно се посветија на учениците, со цел обезбедување поддршка за учениците за полесно да го пребродат овој трагичен настан.

Учениците денеска немаа класична настава, туку едукативни работилници со психолози и педагози. Класот на Вања имале само класен час.

Општина Центар по повод немилиот настан и трагичната смрт на Вања Ѓорчевска, дава препорака до сите јавни и угостителски објекти на територија на општината во следните два дена да ја прилагодат музиката согласно жалниот настан.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста