Една минута молк во ЗЕЛС за грозоморното убиство на Вања
Со минута молк за грозоморното убиство на 14 годишната Вања започна и седницата на Заедницата на единиците на локалната смоуправа. Градоначалниците изразија сочуство и испратија аларм до власта дека се потребни итни промени во методологијата за правично насочување на дотациите од буџетот оти со актуелната нивното функционирање станува критично по повеќе основи. Најмногу во делот на образованието.
Една минута молк за грозоморното убиство на 14 годишната Вања и 74 годишниот Велешанец. Градоначалниците од сите општини изразија сочуство за трагедијата која ја шокираше цела држава
Во сенка на затекнатоста и сочувството од грозоморниот чин, претставниците на заедницата на локалната самоуправа сепак испратија порака и за она што беше цел на денешниот собир. Револт од тоа што владата не им ги исплаќа навреме дотациите од централниот буџет, за кој бараат не само да бида редовни, туку и да се зголемат. Ова велат е неопходно за да можат нормално да функционираат. Најкритично е во делот на образованието каде речиси сите дотации се трошат за плата на вработените, а се друго, се покрива од средства на општините.
- Ние мора заедно да се бориме за нашите права и заедно да направиме промена во нашите општини. Ситуацијата не е лесна, напротив, пред нас има големи пречки, но заедно сме во ова и ќе успееме. Јас, како претседател на ЗЕЛС, нема да дозволам некој да нѐ третира нас и нашите општини, а со тоа и нашите граѓани, со потценување и нема да дозволам некој да си поигрува со нашите финансии на сметка на собирање политички поени – рече претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
Претседателот на Заедницата на единиците за локална самоуправа, се пожали дека општините имaле и дополнителни трошоци, како скапата струја, и сами не можеле да го пребродат овој тежок период.
Дека општините се приморани сами да вработуваат кадар во школите без помош од министерството за образование потврдија и од СОНК, кои побараа власта да покаже поголема сериозност кога се работи на училишта и градинки.
- Лоцирани се повеќето аномалии што го оневозможуваат развојот на општините за кои е потребно итно унапредување на методологијата за правично насочување на средствата од централно на локално ниво во согласност со европските практики и обезбедување еднаков третман на општинската во однос на државната даночна администрација, вели Ѓорѓиевски, кој додаде дека промените не се веќе потреба, туку неопходност.
Од Зелс предупредуваат и на бројни други проблеми кои го кочат развојот на општините во државата. Бараат итно унапредување на методологијата за правично насочување на парите од централно на локално ниво, во согласност со европските практики. Ако нема сериозна помош од централната власт, кризата драматиќни ќе се продлабочи.
Борис Грујоски