Не се открива што се зборувало за Делчев: Историската комисија договорила Цар Самоил да не биде само македонски во македонските учебници

Цар Самоил нема да биде само македонски во македонските учебници по историја. Тоа е договорот од последните средби на македонско бугарската историска комисија. Во изјава за Сител ова го потврдува шефот на македонскиот дел од комисијата Драги Ѓоргиев. Тој вели дека  препораката била на учениците да им претстават различните перцепции за потеклото на Цар Самоил, што претходно не беше случај.

-Ние препорачуваме на ученикот да му бидат претставени различните перцепции од светските медијависти на тој настан, на таа држава или ако станува збор понекогаш за одредена личност. Дека постојат различни перцепции, дека не постои една единствена вистина. Мора да бидат застапени повеќе перцепции, како што постои во самата историографија и учениците потоа сами да почнат, доколку сакаат се разбира, да изградат свој став за таа држава, вели Ѓоргиев за Сител.

Оваа изјава на Ѓоргиев доаѓа откако министерот за надворешни работи кажа дека решението за Цар Самоил било готово уште пред три години. За другите прашања пак од македонска страна се молчи, што не е случај во Бугарија. Ангел Димитров, шефот на бугарскиот дел од историската комисија, вели дека последната средба го оладила ентузијазмот за решавање на проблемите. 

-За Охридската архиепископија, како и за крајот на првото бугарско кралство и цар Самоил има доволно документи. За Охридската архиепископија има исклучително важни документи кои објаснуваат како и зошто треба да се организира оваа црковна институција. И тука почна враќањето кон една, не особено добра практика од страна на нашите колеги, вели Димитров.

Детали никакви не открива ниту министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој уште еднаш ја повтори транспарентноста на Владата, но кажа дека за ова прашање ќе говореле кога се ќе било договорено.

-Ако ме слушнала опозицијата минатата недела, реков во моментот кога ќе бидеме во позиција да кажеме дека имаме разбирање за сите аспекти, бидејќи нашиот пристап е дека или се е договорено или ништо не е договорено. Значи нема да се договориме на парчиња, за да можеме да одиме во Собрание за секој договорен елемент, вели Османи.

Бугарскиот премиер Кирил Петков соопшти дека бил постигнат договор за историска личност за која во минатото било тешко да се преговара, не откривајќи за кого станува збор. Околу оваа тема се молчи и од македонска страна, но соопштено беше дека на маса е ставен Гоце Делчев.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста