БИРН: Девет судии – поротници со истечен мандат цела година делеле правда

Деветмина поротници во скопска Апелација една година делеле правда и одлучувале заедно со судиите покрај тоа што им бил истечен  мандатот. Ова практично значи дека сите премети каде што суделе може да паднат. Овој фрапантен податок го откри истражувачката мрежа БИРН, која тврди дека овластувањето им истекло лани во април. Тие биле избрани во 2017 со мандат од 4 години, но Судскиот Совет приметил пред неколку дена.

Иако со истечен мандат, некои од овие поротници суделе и во ноември и декември лани, а има пресуди и од годинава или во вкупно 10-тина предмети. Како пример, БИРН ја споменува пресудата во која земјоделска фирма ја тужи државата затоа што загубила над 2 и пол милиони евра со тоа што не можела да работи за време на конфликт од 2001 година. Во некои од предметите има пресуда за адвокатка за фалсификување службена исправа, пресуда за одгледување марихуана, тужба меѓу два центри за јавно здравје… Сите овие пресуди сега може да паднат во вода.

Од Апелациониот суд во Скопје за БИРН потврдуваат дека дури во март годинава го констатирале престанокот на мандатот на овие поротници, а седници од тогаш се одржувале со учество на активни судии поротници.

Судскиот Совет, пак, не гледа вина кај себе, бидејќи предлогот стигнал на 28 март, а тие гласале веднаш утредента. Совет формирал тричлена работна група велат за БИРН,  која следната недела треба да направи теренски увид и да одлучи што понатаму.

Во разговор за БИРН, пак, актуелни судии велат дека одговорност треба да се бара од администраторот и од претседателката на судот, но и од членовите на Судскиот совет, бидејќи тие ги избираат поротниците и треба да имаат увид во секое време што се случува со избраните поротници.

Освен тоа, отворено е прашањето зошто во меѓувреме не било побарано продолжување на мандатот на поротниците и зошто ниту Судскиот совет не водел сметка за тоа.

Претходно, неколку судски процеси во Кривичниот суд се вратија на почеток токму поради престанувањето на поротничкиот мандат на Митко Сандев кој имаше наполнето 60 години и според закон не може да учествува во носењето првостепени одлуки.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста