Наместо пофлексибилна откупна линија, откупувачите ги зголемуваат притисоците врз тутунопроизводителите ?!

         Наместо разрешница на годинашниот проблематичен откуп на тутунот и конечно стабилизирање на актуелната катастрофална откупна линија, по само три дена од преговорите со премиерот, македонските тутунари се жалат на огромни притисоци од страна на откупувачите. Велат, освен што откупот и понатаму се спроведувал по досегашниоот терк, сега имале проблеми и со недостигот од амбалажа за пакување на родот, а која откупувачите законски се обврзани да им ја дадат.

    „Немаат картони воопшто земено. И ним им се вика дека повеќе нема ни да да им се даваат, а луѓето имаат уредно склучени договори…А кога се склучуваа договорите им се велеше – а бе, ти сега земи го договорот, колку е толку е и сади тутун, сиот ќе се откупи. Сега се случува – е па, олку имаш договорено, ние толку можеме да ти откупиме. И на луѓето им се даваат, да речеме 50 картони за три тона тутун и што ќе прави тој ?! Па, конците не може да ги стави внатре, не тутунот…“, – реагира Васко Јосифовски од ИО на незадоволните тутунари.

       Сега, соочени и со овој, нов проблем, тутунарите, со потребната амбалажа се снабдуваат преку огласи на социјалните мрежи, истовремено реагирајќи и на другите уцени и притисоци кои им се правеле и при самиот откуп. 

   „Се случуваат уцени – враќање на тутунот што е како „четворка“, а во „четворка“ даваат тутун претежно што би требало да е „тројка“, и викаат – ова е „четворка“, ќе си го вратиш назад. И фактички, квалитетен тутун се враќа назад, за оној што е уште поквалитетен да се земи за „тројка“. Се отвора простор за манипулација“, – објаснува Јосифовски.

      Од ИО остри забелешки имаат и на работата на Сојузот на земјодлески здруженија. Иако, тој наводно им е партнер во преговорите со надлежните, тутунарите стравуваат дека вистински не ги застапува нивните интереси, особено по одбивањето на нивното барање за повлекување на поверениците од вагите.

     „Во овој случај, ние испаѓаме нивна „десна рака“, затоа што ние како ИО одиме, трчаме за тутунарите, бесплатно, трошиме пари од свој џеб, а овие ем се вработени, ем огромни пари се прелеваат кај нив, ем со прст не мрднуваат за тутунарите…Според Закон, премиерот на државата може да поднесе оставка кога сака, па кој е Менде Стомнароски или некој си повереник, безимен таму кој и да е, да не можел да поднесе оставка на функцијата која ја извршува…“, прашува Јосифовски.

      Инаку, минатата недела, претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија, Менде Стомнароски се оправда дека тој сега не можел да ги повлече поверениците од вагите, бидејќи тоа било незаконски, во што пак, тутунарите не веруваат, бидејќи мислат дека Сојузот е наменски формирано тело за заштита на интересите на државата, но не и на тутунарите.

  Каролина Дурло    

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста